Потпишани се договори за финансиска поддршка со 245 субјекти преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Поддршката исплатена во овие три години изнесува околу 20 милиони евра, а компаниите во своите бизнис планови за петгодишен циклус презентираа инвестиции од 411 милиони евра, од кои досега веќе инвестирале околу 150 милиони евра.
Преку инструментите на ФИТР, обезбедена е поддршка за микро, малите и средни компании, во портфолиото се вклучени 550 компании, а нивните инвестиции се околу 75 милиони евра од кои околу 60 проценти или 42 милиони евра, се средства за поддршка од ФИТР, соопшти вицепремиерот за економски прашања Битиќи на економскиот форум „Дали субвенциите создаваат подобри претријатија? Или подобрите претпријатија добиваат повисоки субвенции?“, во организација на „Фајнанс Тинк“, со поддршка на Амбасадата на Кралство Норвешка и „Балканскиот труст за демoкратија“.
-Ефектот кој би сакале да го постигнеме е да ги зацврстиме домашните производствени компании, од една страна да бидат конкурентни на меѓународните пазари и да го зголемуваат извозот на производи со повисока додадена вредност, а од друга страна да стануваат се поатрактивни партнери на големите глобални компании и да се вклучуваат во синџирите за набавка. Само на тој начин би можеле да поттикнеме побрз, но и одржлив раст и развој на домашната економија, нагласи Битиќи.
Тој информираше и дека во подготовка се и измени и дополни на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со цел да се амортизираат ефектите од коронакризата и ова ќе претставува дополнителна помош за компаниите. Дополнително извести дека во план е воспоставување на единствен регистар за државна помош, а државната помош ќе биде опфатена и во Националната развојна стратегија 2021-2041 која ќе даде јасен видик за целно насочување на државната помош за истата да дава уште поголем импакт.
Професор Марјан Петрески од Универзитет Американ колеџ Скопје на презентацијата на резултатите од оценките на ефектите од државната помош на мерките од Планот за економски раст рече дека доделената државна помош преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите во голема мера била неефективна. Односно, кај мерени 12 исходи постои позитивен резултат само кај вработеноста. Спротивно на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, помошта што се доделува преку Планот за економски раст, преку ФИТР е главно ефективна, наведе Петрески.
Спроведените истражувања покажале дека доделената државна помош придонела за одредено зголемување на бројот на работни места кај примателите на таа државна помош, додека кај сите останати индикатори, како што рече, не постојат резултати, значи тие не се негативни, меѓутоа отсуствуваат.
– Она што се зборува низ јавниот дискурс за како фирмите ја добиле таа државна помош функционираат добро и имаат позитивни резултати, главно се препишува на инвестицијата којашто тие ја направиле во годината пред да ја добијат доделената државна помош, додека ефектот од помошта е само овој кој што го спомнав, додаде Петрески.
МИА