Откако денес премиерот Зоран Заев најави дека Владата сака да формира Фонд за продукција и Фонд за истражувачко новинарство, реагираше сопственикот на радио Канал77 и Македонски медиа сервис, Виктор Гаврилов со објаснување дека оваа идеја е авторско дело, идеја и проект на неговиот татко, Горан Гаврилов кој почина по кратко боледување на 11 март 2021 година.
“Бидејќи во последните неколку дена се актуелизираше темата за формирање на некаков фонд за ”продукција”, ”истражувачко новинарство” итн, чувствувам потреба да го елаборирам потеклото на оваа идеја. Македонскиот фонд за медиуми е авторско дело, идеја и проект на Горан Гаврилов. Почетоците на оваа идеја се од 2017 година а целиот проект е заокружен во 2019 година кога овој проект е и депониран во авторска агенција. Горан, на овој проект работеше деноноќно, комуницираше со огромен број на македонски и странски експерти, владини и опозициски претставници и го вложи целото свое акумулирано знаење од сферата на медиумите. Основната причина за создавање на овој фонд е да биде филтер, посредник помеѓу законодавната, извршната и судската власт и медиумите, со што ќе се спречи влијанието, коруптивното однесување и ќе биде функција на публиката, општеството и граѓаните на РСМ, напиша Гаврилов и додаде:
Бидејќи во последните неколку дена се актуелизираше темата за формирање на некаков фонд за ”продукција”, ”…
Posted by Viktor Gavrilov on Thursday, May 6, 2021
-Македонскиот фонд за медиуми е потребно да покрене продукција, емитување на некомерцијална програма која директно ќе влијае врз секојдневниот живот на граѓаните на Македонија и ќе помогне во креативноста и продуктивноста на македонските медиуми. Идејата е фондот да биде отворен за сите телевизии, радија, печатени медиуми, веб портали и продукциски куќи и граѓаните да добијат бенефит од медиумите а не медиумите само да добијат пари од државата. Комплетниот проект Горан го има елаборирано на многу невладини и владини претставници а за истиот има добиено и поддршка од нив. Се надевам дека во наредниот период, идејата на Горан ќе го види светлото на денот и конечно државата ќе ги гледа прво јавните а не ситните политички интереси“, се вели во реакцијата на Виктор Гаврилов.
Денес Заев рече дека Владата сакала да најде начин како да ги зајакне медиумските работници во делот на нивното функционирање и независност и затоа планира формирање на Фонд за истражувачко новинарство кој ќе помогне во идни кампањи во борба против корупцијата.
– Сакаме да формираме Фонд за продукции, да гледаме содржини кои ги има во светот, а кај нас ги нема. Затоа ќе ги повикаме сите здруженија, сите експерти и ќе им го поставам прашањето: Зошто ЕУ да може или УНИЦЕФ или ООН да водат кампања од јавен интерес, а државата да не може. Може и опозицијата да отвори потреба од некоја јавна кампања. Критериумите мора јасно да бидат мониторирани од медиумските организации – истакна Заев.
За потсетување, кога премиерот Зоран Заев на неговиот официјален Фејсбук профил се прости од Горан Гаврилов, основач и сопственик на Радио Канал 77 и порталот Македонски медиа сервис, меѓудругото во статусот напиша и за идните планови кои Гаврилов сакал да ги оставри, а кои биле насочени кон поддршка на новинарите и медиумските работници.
Со огромно неверување ја примив жалната вест за смртта на Горан Гаврилов, основач и сопственик на Радио Канал 77 и…
Posted by Zoran Zaev on Thursday, March 11, 2021
„Она што лично го знам, од моите разговори со него е дека секогаш беше на страната на новинарите. Имаше развиено и сериозен концепт и предлог иницијатива за основање на „Фонд за медиуми“ за продукција на медиумски содржини од јавен интерес, како механизам за поддршка на професионалните ангажмани на медиумските работници. Лично ќе се заложам неговиот сон да стане јаве и ќе дадам поддршка за основање на Фонд за продукција на медиумски содржини од јавен интерес, согласно неговата основна идеја, и по примерот на неколку европски земји ќе иницирам таквиот фонд да го носи името Горан Гаврилов“, напиша тогаш Заев.
Орце Костов