Заев: Сакаме да формираме Фонд за продукции и Фонд за истражувачко новинарство – ММС
ММС

Објавено на: 05/6/21 12:42 PM

Заев: Сакаме да формираме Фонд за продукции и Фонд за истражувачко новинарство

Државата не сака да прави владини кампањи во медиумите со парите на граѓаните, туку кампањи од јавен интерес како што е процесот на вакцинација, истакна премиерот Зоран Заев за медиумите откако ја прими првата доза на вакцината против Ковид-19 од кинескиот производител Синофарм.

– Отворивме една дебата и во следните денови ќе се одржат доста состаноци и средби со медиумските здруженија и субјекти за да најдеме начин да ја подигнеме свеста за вакцинацијата, да се вакцинираат што поголем број граѓани, да стекнеме колективен имунитет и со тоа да ја совладаме и победиме пандемијата. Поинаку не можеме – рече Заев.

Владата сакала да најде начин како да ги зајакне медиумските работници во делот на нивното функционирање и независност и затоа планира формирање на Фонд за истражувачко новинарство кој ќе помогне во идни кампањи во борба против корупцијата.

– Сакаме да формираме Фонд за продукции, да гледаме содржини кои ги има во светот, а кај нас ги нема. Затоа ќе ги повикаме сите здруженија, сите експерти и ќе им го поставам прашањето: Зошто ЕУ да може или УНИЦЕФ или ООН да водат кампања од јавен интерес, а државата да не може. Може и опозицијата да отвори потреба од некоја јавна кампања. Критериумите мора јасно да бидат мониторирани од медиумските организации. – истакна Заев и додаде:

– Јас не би можел мирно да спијам ако државата не може да го информира населението при евентуални природни катастрофи. Ние немаме начин како, секаде во светот постојат овие алатки. Сакам да ја отворам оваа дебата и преку неа да ги изнајдеме решенијата, а на крајот тие што ќе бидат  коректив, да не следат за да не ни се случат грешките од минатото. Никако владини кампањи, туку само од јавен интерес.

Орце Костов