Во рамки на спортско-културната манифестација „10 дена Крушевска Република“, денеска и утре ќе се одржи ридско-брзинскиот натпревар во автомобилизам Крушево 2018.
По 10 години, некогаш традиционалната и атрактивна патека која се протега на патниот правец село Острилци – Мечкин Камен, во Крушево, во должина од 7,2 километра, годинава повторно станува актуелна. Запишана е во календарот на натпревари кои се бодуваат за државниот шампионат на Република Македонија во автомобилизам на ридски патеки.
– Автомобилистичкиот спорт привлекува голем број посетители, а нашата заложба е во врска со овие активности да бидат информирани и вклучени што е можно повеќе чинители, со што дополнително би се подигнало нивото и реномето на овој натпревар и воопшто на автомобилистичкиот спорт во Република Македонија, велат организаторите.
Натпреварите во прво и второ возење се утре, од 11:30 и 13 часот, а денеска ќе се одржат тренинг возењата, од 12 и 13 часот.
Извор: МИА