Склучен договор од 3,5 милиони денари за Систем за зонско паркирање и наплата на паркинг места преку СМС пораки во Штип, за опозициската ВМРО-ДПМНЕ е индиција за „матни и криминални зделки“, бидејќи договорот од 2019 година, за истата услуга изнесувал 1,4 милиони денари.
Од партијата го обвинуваат градоначалникот Сашко Николов и бараат одговори зошто истиот договор тогаш, дури и со многу посериозни услови во техничката спецификација, бил двојно поевтин.
– Дали е вистина дека овој Договор е склучен, поради притисок од влијателен и познат македонски бизнисмен, близок до Градоначалникот? Дали е вистина дека цената на овој Договор е толку висока, поради процентот кој е ветен на Градоначалникот за негово склучување? Дали Градоначалникот има оправданост за потрошениот неразумен износ на народни пари? Зошто во 2021 година се даваат дури 3.500.000 денари, за помалку услуги, во однос на 2019 година, кога за пообемни услуги се потрошениле само 1.400.000 денари, праша на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Иван Јорданов и најави кривична пријава за случајот.
Градоначалникот Николов пак, не ја демантираше цената на проектот, но вели дека притисок за склучување тендери немало. Ја повика опозицијата и граѓаните да ги проверат документите и да ја видат целата тендерска постапка. Тој вели дека има проекција со која Општината за паркинг места преку пораки, за две години би наплатила околу 18 милиони денари.
– Она што го имаме како проекција во последните три месеци пред Нова година е дека на дневна основа се наплаќало некаде околу 14 до 15 илјади денари за СМС пораки. Последните три месеци на дневна основа се наплаќаат некаде околу 20 до 22 илјади денари. Тоа е резултат на зголемената контрола на самите редари од ЈП Стипион, зголемените паркинг места со новата платформа и по пресметка на овие бројки, некаде за две години Општината би требало да наплати 12 милиони денари, рече Николов, потенцирајќи дека операторот кој ги добива на тендер овие услуги зема провизија некаде околу 20 отсто.
Николов вели дека општината планира да ги зголеми паркинг местата, а предвидуваат и катни гаражи на неколку локации со што би се решил проблемот со паркирањето во Штип. Истакна оти знае дека треба да се плати околу 2,5 милиони денари провизија, но вели имаат проекција дека со отварањето на новите паркинг места, таа ќе се зголеми до 3,5 милиони денари.
– Тоа што не го знаат од ВМРО-ДПМНЕ е тоа дека оваа рамка од 3,5 милиони денари која што ја предвидуваме во тендерската постапка, не значи дека ние мораме да ги исплатиме на компанијата која што го добила тендерот, туку од онолу колку што ќе наплатат, 20 отсто задржуваат за себе, а остатокот го даваат на Општината назад. Значи тоа колку ќе потрошиме останува на нас, но не можеме да потрошиме над 3,5 милиони денари, рече Николов.
Т.Н