Толковниот речник на македонскиот јазик од денеска е достапен и во дигитална верзија. Речникот во шест тома е објавен на интерактивната платформа makedonski.gov.mk.
Оваа платформа денеска беше промовирана од Владата по повод 5 Мај – Ден на македонскиот јазик. Печатените 4200 страници беа подготвени за електронското издание, откако Владата трајно ги откупи материјалните права на составувачите на ваквиот лексикографски труд.
„Целосната дигитална верзија на Толковниот речник од денеска е достапна за сите граѓани. Ова е резултат на здружени сили. Сакам да ги охрабрам нашите лингвисти да го ползуваат отворениот ресурс на дигитализираниот Толковен речник како извор за други проучувања. Како еден од врвните приоритети е да го изградиме и постојано да го надградуваме корпусот на дигитализирани дела на македонски јазик, за потврдување на јазичните правила“, порача премиерот Зоран Заев на денешната промоција. Тој најави дека Толковниот речник ќе може да се дополнува и да се менува бидејќи на тој начин ќе се овозможи негување на јазикот.
„Планирана е надградба на платформата makedonski.gov.mk. Владата ќе го стави дигиталниот код на располагање на истражувачите и програмерите за да креираат апликации кои ќе ја олеснат употребата на македонскиот јазик. Токму вака се сака јазикот. Кога алатките стануваат лесно достапни секому, покажувате грижа за јазикот. Огромно е значењето на Толковникот за македонскиот народ. Македонците се народ со долга јазична традиција и богато лексичко наследство кое не може да се оспори. Јазик на кој се преведени бројни дела од светската белетристика“, додаде Заев.
Промоцијата се одржа во Спомен-собата на Крсте Петков Мисирков. Овој настан е и дел од чествувањето на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески.
„Во годината во која одбележуваме сто години од раѓањето на Блаже Конески, свечено го промовираме електронското издание на Толковниот речник, кое може бесплатно да го користат сите граѓани, проучувачи и почитувачи на македонскиот јазик. Сите заинтересирани со еден клик на едно место ќе може да ги отворат Толковниот речник и Правописот. Правописот засега е во ПДФ форма. Толковниот речник отсекогаш ги сплотувал вработените во Институтот за македонски јазик. Преку него напредувавме“, порача директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јовановска-Грујовска.
На промоцијата се обратија и претседателот на државата Стево Пендаровски, кој е покровител на „Годината на Конески“ и раководителката на проектот и главен редактор на електронското издание на ТРМЈ – Снежана Велковска.
В. Ми