Сцената за фајнал-форот во Евролигата е подготвена – ММС
ММС

Објавено на: 05/5/21 2:09 PM

Сцената за фајнал-форот во Евролигата е подготвена

Со вчерашниот последен натпревар, „мајсторката“ помеѓу Барселона и руски Зенит и маестралната индивидуална партија на 41-годишниот Пау Гасол, завршена е четвртфиналната серија во Евролигата и сцената за фајнал-форот во Евролигата е целосно подготвена.

Билет за завршниот турнир во Келн прв обезбедија кошаркарите на ЦСКА Москва кои полесно од очекувањата излегоа на крај со некогашниот освојувач на ова натпреварување, Фенербахче. Преостанатите три парови во нокаут-фазата беа далеку понеизвесни.

Сите три дуели синоќа беа одлучени во „мајсторки“. Прво Ефес на домашен терен со тројката на Круно Симон во последните мигови од двобојот го совлада Реал Мадрид со 88:83, потоа Милано го елиминираше Баерн со резултат 92:89, а најубедливата екипа во решавачкиот меч беше Барселона, поразувајќи го Зенит Санкт Петербург со 79:53.

Полуфиналните натпревари ќе се одиграат на 28 мај во Келн, а паровите се: Барселона – Милано и ЦСКА Москва – Ефес. Два дена подоцна ќе го добиеме и новиот шампион на Европа и ќе ја окончаме една од повозбудливите сезони во последните години на „стариот континент“.

 

 

 

 

Фото:

fcbarcelona.com