Очекуваното олеснување на рестрикциите и мерките во Велика Британија и стивнувањето на пандемијата, ги натера челниците на Премиер Лигата за првпат во целост сезонава да ги отворат вратите за најверните навивачи.
Во 37-то и 38-то коло од најдобрата светска фудбалска лига, 10.000 домашни фанови ќе можат да присуствуваат на натпреварите кои ќе се одиграат на 18, 19 и 23 мај. За гостинските оваа одлука нема да важи.
-По консултациите со клубовите, договорено е да не се отворат вратите за гостинските навивачи поради различни операциони предизвици ширум лигата, а на сметка на максимизирање на можноста за присуство на домашна публика. Безбедноста на навивачите е најважна. Следејќи ги сите протоколи, подготвени сме да им посакаме добредојде назад на навивачите на нивните стадиони, стоеше во соопштението на Премиер Лигата.
Ваквата одлука би значела дека Манчестер Сити би можел на 23 -ти мај на „Етихад“ да ја прослави титулата пред своите навивачи, а клучните мечеви за опстанок и места во Европа да бидат претстава за 10.000 луѓе околу зелениот терен.
Премиер Лигата денес одлучи дека летниот трансфер рок ќе започне на деветти јуни и ќе трае до 31 август.
Фото:
premierleague.com