Екипата на Манчестер Сити испиша историја и се пласира за првпат во финалето на Лигата на шампионите. „Сините“ од Манчестер вечерва ќе го чекаат подобриот од Челзи и Реал Мадрид и ќе се обидат на 29- ти мај во Истанбул да ја „завршат мисијата“ започната пред повеќе од една деценија.
Сити преку головите на фантастичниот Ријад Марез ги сруши повторно надежите на Париз Сен Жермен, кој недефинирано, анемично и со огромна доза на фрустрација се појави на теренот на „Етихад“. Парижани „клоцаа“, удираа, манифестираат нефер плеј и неспортски манири, подолго време незабележани во едно вакво натпреварување и во оваа подоцнежна негова фаза.
https://www.youtube.com/watch?v=tYWQiXF5eGE
Сепак, на крајот од денот тоа не му пречеше на тренерот на идниот англиски, а можеби и европски првак. Некогашниот тренер на Барселона и Баерн Минхен, изјави дека Лигата на шампионите е исклучително комплексно натпреварување, нималку едноставно. Додека пак суштината на успешноста се состои во деталите.
-Луѓето мислат дека е лесно да се стигне до финале. Натпреварувањето е тешко, тврдо. Суштината е во деталите. Манчестер Јунајтед освои Лига на шампиони благодарение на слизнувањето на Џон Тери. Реал Мадрид освои Лига на шампиони по голот на Рамос во 93-та минута. Деталите се одлучувачки, рече Пеп Гвардиола.
За него финалето во Турција ќе биде трето во својата кариера. Претходните две со екипата на Барселона се покажаа како успешни, а во двата наврати опонентот се викаше Манчестер Јунајтед предводен од Алекс Фергусон. Од 14 финалиња во професионалната кариера, Пеп Гвардиола има добиено дури 13. Вистински предизвик за Томас Тухел и Зинедин Зидан.
Реваншот од второто полуфинале помеѓу Челзи и Реал Мадрид, ќе заземе место вечерва од 21 часот на „Стемфорд Бриџ“. Препородениот Челзи на чело со Тухел од Мадрид носи важен погодок и резултат од 0:0 би значел и трето финале за клубот од западен Лондон. Најуспешните во овој формат, Реал Мадрид, ќе бркаат финале и 14-ти сребрен пехар во богатата клупска историја.
д.ј