„Дали социјалистичкото наследство може да помогне во обновување на концептот на „јавното добро”, на просторот на сложената територија што неодамна ја претрпе драмата на граѓанската војна и подемот на национализмот наспроти мултиетничката припадност што го карактеризира овој регион како и економската криза која влијаеше на цела Европа?”
Ова е клучното прашање со кое се занимава групната изложба „Поголем од мене: Херојски гласови од поранешна Југославија” на словенечката кураторка Зденка Бадовинац која од 5 мај до 12 септември 2021 година ќе биде претставена во престижниот музеј MAXXI во Рим.
Во рамките на оваа изложба, Ѓорѓе Јовановиќ учествува со делото „Протестен споменик”
Што би се случило кога спомениците не би биле само манифестација на моќ, туку би станале нераскинлив дел на нашите континурани борби? Што би се случило кога на спомениците наместо нивната „фиксирана” позиција би им се овозможило да бидат динамични во нивната употреба? Како еден споменик може да стане субверзивен и застапувачки? Ова се некои од прашањата што Јовановиќ ги поставува преку своето дело.
Над 50 уметници меѓу кои и Марина Абрамовиќ, Сања Ивековиќ, ИРВИН, Желимир Жилник, Давид Маљковиќ, Марјетица Потрч, Милица Томиќ, Марта Попивода и Ана Вујановиќ, Младен Стилиновиќ ја препрочитуваат историјата на регионот преку гестовите на современите херои, поттикнувајќи нови и значајни размислувања за темите на гостопримството и соживотот.
На изложбата меѓу другите автори учество ќе земат и македонските уметници Нада Прља со делото „What Would Happen if We Succeed?”, Христина Иваноска со делата „Naming the Bridge: Rosa Plaveva and Nakie Bajram ” и „Document missing, n. 2″ и Јане Чаловски. со делото „ Undisciplined Construction of an Archive”.
Изложбата „Поголем од мене: Херојски гласови од поранешна Југославија” претставува ново поглавје во програмата на Музејот, која преку редица истражувања посветени на Блискиот исток и Медитеранот, се занимава и со уметничките ферментирања на авторите од земјите од поранешна Југославија со специфичен клуч на интерпретација.