Поранешниот американски претседател Доналд Трамп во вторникот на својата веб-страница постави додаток кој е сличен на Твитер, на кој се пишуваат објави кои подоцна можат да се споделуваат на социјалните мрежи кои го цензурираа.
Новиот дел од неговата официјална веб-страница, за кој прв извести „Фокс Њуз“, се нарекува „Од бирото на Доналд Трамп“, а содржи негови кратки објави.
Новоста на веб-страницата е лансирана еден ден пред одлуката од Надзорниот одбор на Фејсбук за тоа дали Трамп и понатаму ќе биде суспендиран од социјалната мрежа, пишува „Ројтерс“.
Советникот на Трамп, Џејсон Милер во март најави дека поранешниот претседател ќе направи своја социјална мрежа, но не се знае дали мислеше на ваквиот додаток на неговата официјална веб-страница или нешто сосема ново.
Инаку Фејсбук страницата на Трамп беше отстранета поради загриженост за нови насилни настани по смртоносниот упад на неговите приврзаници во Капитол, на 6. јануари.
Твитер објави дека забраната на неговиот профил кај нив е трајна, дури и во случај повторно да се кандидира на избори, додека Јутјуб, пак, објави дека ќе го врати неговиот канал кога ќе одлучи дека поминала опасноста од насилство.
Поранешниот претседател, кој ја напушти Белата куќа на 20. јануари, тврдеше дека претседателските избори ги изгуби од Бајден поради измама.
извор: н1