Кој, како, кога и каде може да управува електричен тротинет? – ММС
ММС

Објавено на: 05/4/21 10:39 AM

Кој, како, кога и каде може да управува електричен тротинет?

Електричните тротинети и електромобилноста се нешто ново, нешто што е во тренд, нешто популарно и актуелно.Пред само една година, електричните тротинети ги гледавме како туристичка атракција во големите европски  метрополи, а денес тие се веќе тука и присутни се на улиците, тротоарите, велосипедските патеки во Скопје и во другите градови – наведуваат во денешното писмено соопштение од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП).

Оттаму констатираат дека присуството на електричните тротинети во сообраќајот носи многу придобивки, отвара многу алтернативи за надминување на проблемот со сообраќајниот метеж и бучавата во сообраќајот, континуираниот недостаток на паркинг места,  загаденоста, итн. но носи и закани за безбедноста на учесниците во сообраќајот.

Согласно наведеното, РСБСП потсетува кој, како, кога, и каде може да управува електричен тротинет:

  • Електричен тротинет може да управува лице кое навршило 14 години.
  • Возачот на електричен тротинет е должен да го управува тротинетот по велосипедска патека или велосипедска лента, а доколку истите не се изградени, по пешачка патека, односно друга површина наменета за движење на пешаци. ( се забранува движење со тротинет на коловоз).
  • Возачот на електричен тротинет, не смее да се движи по велосипедска патека односно лента со брзина поголема од 25 km/h.  а по тротоар и  пешачка патека, не смее да се  движи  со брзина поголема од 6 km/h.
  • Ако двајца или повеќе возачи на електричен тротинет се движат во група,  должни се да се движат еден позади друг.
  • Возачот на електричен тротинет е должен да управува со возилото на начин на кој не се намалува стабилноста на возилото односно  не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да превезува, влече или турка предмети што можат да го попречуваат во управувањето со возилото.
  • Возачот на електричен тротинет не смее да превезува други лица за време на управување со возилото и не смее да води животни.
  • Возачот на електричен тротинет треба да носи заштитен шлем на главата за време на управувањето на  возилото ( треба, но нема санкција).
  • Возачот на електричен тротинет, од првиот самрак до потполно разденување, како и во услови на намалена видливост, е должен да носи рефлектирачки елек за време на управувањето на возилото.
  • На електричниот тротинет задолжително треба да има светло во бела боја на предната                   страна и светло со црвена боја на задната страна.

Секогаш кога учествувате во сообраќај со електричен тротинет почитувајте ги правилата и прописите во сообраќајот, заради ваша безбедност и заради тоа што  вие сте активен учесник во сообраќајот – апелираат од РСБСП.

 

Фото:  Pixabay