Спонтаниот плач кој одекнуваше од трибините на „Пољуд“, всушност беше плач што за жал го предвиде она што следуваше десеттина години подоцна на овие простори. Плач за несигурната иднина и плач кој го наметнуваше прашањето „што сега и што понатаму?“
Точно пред 40 години, ионака легендардниот стадион на сплитски Хајдук стана бесмртен. „Пољуд“ беше сведок на веројатно најголемиот фудбалски натпревар со поприлично цврст пророчки момент. Резултатот, играта, фудбалот како таков, во тој момент отидоа во заборав. Час потоа никој веќе не се ни сеќaваше на резултатот. За повеќе од 23 милиони луѓе тогаш времето запре.
Недела како и секоја друга, одмор од напорната работа со најблиското семејство и многу фудбал. Неделите во 15:05 часот се предвидени за фудбал во Првата Југословенска лига. Хадјук од Сплит и белградска Црвена Ѕвезда – фудбалскиот класик кој требаше да го одбележи тековното коло. Очекувањата беа оправдани, но не поради Милош Шестиќ, Дуле Савиќ и Златко Вујовиќ.
Првата вест на „Радио Београд“, со треперлив и загрижувачки тон гласи: „Централниот комитет на Сојузот на комунисти на Југославија и Претседателството на Социјалистичката Федеративна Република Југославија, објави проглас до работничката класа, сите луѓе, граѓани, народи и народности во Социјалистичката Федеративна Република Југославија…умре другарот Тито!
Натпреварот беше прекинат, играчите на Хајдук и Ѕвезда како вкопани стоеја на кругот од центарот на игралиштето. Педесет илјади луѓе во еден глас запеаја „Друже Тито ми ти се кунемо“. Иако веќе некое време Јосип Броз бил болен и секојдневно кружеле шпекулации за неговата здравствена состојба додека се лечел во тајност во Љубљана, трагичната вест паднало како од небо.
Филмското парче, парче историја гледано од оваа временска дистанца, дента ја обиколи целата земјина кугла. На старата камера „артифлекс“ и повеќе од 20 метри долга филмска трака, снимателот на ТВ Београд, Миломир Јасниќ, го забележува најтрагичниот момент во историјата на Југославија, моментите на „Пољуд“, затемнетите ликови на фудбалерите, тренерите, судиите и присутните гледачи.
-Стоев позади голот на Ѕвезда, обидувајќи се да ги средам кабелот и акумулаторот. Старата камера се закануваше дека ќе престане со работа. Наеднаш видов како играчите и судијата се упатуваат кон центарот на теренот. Сфатив дека нешто се случува и со камерата тргнав накај нив, трчајќи снимав наоколу. Никој ништо не ми кажа, ама можев да претпоставам за што се работи. Не помислив да го прекинам снимањето, претчувствував дека сум во центарот на една голема драма, дека сум дел од историјата и дека морам тоа да го снимам, своевремено изјави камерманот на ТВ Београд.
Златко Вујовиќ плаче и го прекрива лицето со рацете, судиите ги бришат солзите, а Владимир Петровиќ со широко отворени очи како да не верува во глетката. Звуци од плач и песна од трибините.
Симболиката на легендарниот „Пољуд“ добива на големина и значење, дотолку повеќе ако се вратиме 18 години наназад од смртта на Јосип Броз Тито. Во 1962 година, токму на четврти мај, на истиот стадион пред десетици илјади граѓани, Тито одржува говор за братството и единството и за жртвата која народот на овие простори ја дал во борбата против фашистичкиот окупатор и борбата за слобода: „Во некои републики забележливо е одредено политичко незадоволство. Ние проливме море крв за братството и единството на нашите народи и народности. И никому нема да дозволиме да не допре и внатрешно да го руши тоа наше братство и единство“.
Но, дозволија. Дозволија како кула од карти да се сруши она што беше колективно изградено, со сите негови видливи маани и недостатоци. Никој подоцна не се сеќаваше на плачот кој и ден денес одекнува од „Пољуд“, „Кошево“ и „ЈНА“. Хајдук беше поразен на тој меч 1:3, Ѕвезда сепак беше пресилна за исклучително талентираниот и млад тим на Сплиќани. Тој ден не загуби само Хајдук, загубија сите. Кругот направен од луѓе во центарот на стадионот претставуваше предвесник на тешко излечливи времиња, од кои и денес бавно заздравуваме.
На четврти мај, 1980 година, луѓето одеа во колони и никому не сметаше ветерот што дуваше, испишано стои во стиховите на една од песните на сараевската рок група ,,Забрањено пушење“. На четврти мај, 1980 година, сплитски „Пољуд“ не стана дел од историјата.
„Пољуд“ стана историја.
д.ј