Немањето младински категории и сериозни професионални клубови е причина за маргинилизација на футсалот – Интервју со Васко Скендеровски – ММС
ММС

Објавено на: 05/6/21 10:23 AM

Немањето младински категории и сериозни професионални клубови е причина за маргинилизација на футсалот – Интервју со Васко Скендеровски

Недостатокот на сериозни професионални клубови во земјата, претставува главна причина за маргинилизирањето на футсалот како спорт и неможноста да се оттргне од сенката на другите комерцијални спортови, изјави селекторот на македонската футсал репрезентација, Васко Скендеровски. За mms.mk, со човекот кој години наназад „се бори со ветерници“ и силно е посветен на афирмација на футсалот, разговаравме за правецот во кој ќе се движи селекцијата, нужните реформи за издгинување на едно респектабилно ниво на овој спорт, но дадовме одговори и на вечните прашања „Рикардињо или Фалкао“, односно „дали фудбалерите може да играат футсал и обратно“.

Во 2019 година го наследивте Иван Божовиќ на местото на селектор на македонската футсал репрезентација. Што се промени во меѓувреме и кој е правецот кој Скендеровски сака да го следи во неговиот мандат?

-Да бидам искрен, долго време размислував после оставката на Божовиќ дали да го прифатам предизвикот, повторно да се вратам на кормилото на Македонската футсал селекција. Знаев дека голем дел од играчите веќе го достигнаа својот зенит и се на залезот од својата репрезентитавна кариера, а нови потенцијални играчи речиси и да немаше. Но, никогаш не сум бил човек кој бега од проблемите и затоа решив повторно по пауза од четири години да се вратам на функцијата селектор. И веднаш по два месеци од моето назначување беа предквалификациите за пласман на ЕП 2022. Речиси и да немаше време за никави промени, со оглед на фактот дека моравме да поминеме во следниот круг. Затекнав една многу лоша атмосфера, го немаше тој победнички дух кој беше присутен до 2015 година и знаев дека ме чека многу понапорна работа од тоа што можев претходно да претпоставам. Најпрво морав да ја вратам психичката стабилност на играчите иако времето беше само неколку дена подготовки. Сега, гледано од оваа временска дистанца мислам дека се промени многу во тој поглед, и успеав нашата разнишана самодоверба да ја елиминирам и повторно играчите да веруваат пред се во самите себе и во квалитетот на нашиот национален тим. И вториот момент беше смената на генерацијата која се наметна како неминовен процес. Беа две опции во игра, да одиме чекор по чекор со нови играчи кои ќе бидат замена за Левески, Глигоров, Агуши, Ранготов, Андов или да го одбереме пократкиот пат кој носи инстант успех, а тоа е рецептот на Казахстан, Романија, Грузија, Азербејџан, со натурализирање на неколкумина Бразилци. Се одлучив за првата опција, иако знаејќи дека тоа драстично ни ги намалува шансите за пласман на ова ЕП, но сепак перспективно е подобар избор на долги стази. Дефинитивно сакам да го следам овој тренд и во остантиот период од мојот мандат кој е до следните Квалификации за ЕП 2024 година. Ако се има предвид фактот дека овие Квалификации ги завршивме со седум дебитанти, мислам дека сме на добар пат да направиме една репрезентација која ќе биде респектабилна на долги стази.

На што се должи слабиот резултат во калификациите за пласман на Европско првенство?

-Не бил рекол дека остваривме слаб резултат. Ја имавме убедливо најтешката група, а сме единствената репрезентација која од четвртиот шешир успеа да им земе по бод на репрезентации кои беа рангирани во првиот и вториот шешир при ждребката во Септември мината година во овие квалификации. Од третиот шешир ја имавме селекцијата на БиХ, репрезентација која убедливо го освои првото место во нашата група, а ние во двата натпревари против нив бевме егал противник и несреќно ги загубиме двата натпревари, посебно оној во Скопје, каде што на неколку секунди до крајот имавме огромна шанса за победа, а загубивме на крајот со нерегуларен гол. Да не заборавиме дека освен на првите два натпревари, на сите други бевме некомплетни, без нашиот најдобар играч Даниел Де Соуза, а во текот на целиот цилус недостасуваше и Зибери, играч кој настапува во Италија. Да се потсетиме дека на последните два натпреаври немавме 7 играчи, од кои петмина беа стартери на претходните натпревари. Тоа е голем хендикеп и за многу поквалитетни репрезентации и од нашата. И на крајот, реални шанси за пласман имавме се до претпоследното коло, но ете го плативме данокот на нашето неискуство и би рекол ги трпевме последиците на Ковид-19 пандемијата, затоа што УЕФА во последен момент го смени системот на рангирање пред ждребката иако ние требаше според ранкингот да бидеме во третиот шешир и да добиеме еден полесен противник. На сето ова сакам да го дадам и фактот дека пред почетокот на овие квалификации бевме 25-ти на официјалната УЕФА ранкинг листа, а сега сме на 24-то место.

Кои се позитивните елементи кои можете да ги издвоите од „скапо платената лекција наречена Романија, БиХ и Србија“?

-Би рекол дека научивме многу лекции… Пред сѐ , поразите од БиХ нѐ  научија дека натпреварите се играат до последната секунда и концентарцијата мора да биде на максимално ниво до самиот крај. Потоа дека не смееме да се надигруваме против многу посилни селекции од нас како што беше натпреварот против Србија во салата „Јане Сандански“, натпревар кој иако убедливо го загубивме, ги одигравме можеби најдобрите почетни 10 минути во овие квалифиации. Едноставно не бевме психички спремни за тој натпревар и не го издржавме притисокот, знаејќи дека победата ни обезбедуваше речиси сигурен пласман на ЕП 2022 година. И се чини дека генерално нашиот најголем хендикеп на овие квалификации беше тоа што ние немавме ниту еден ниту официјален, ниту пријателски натпревар точно една година заради кризата со пандемијата.

Футсалот во нашата земја за жал и после три децении никако не може да се оттргне од маргините. Каде би можеле да го адресираме „виновникот“, што е потребно за еволуирање на овој спорт на репрезентативно, но и на клупско ниво и какви реформи конкретно се потребни во оваа насока?

-Дефинитивно немањето на сериозни професионални клубови. Тоа е јадрото, суштината за секој успех или неуспех и на репрезентативно и на клупско ниво. Во нашите клубови се тренира два до три пати неделно и тоа е премалку за играчите да бидат спремни и физички и психички за вакви едни натпревари. И ова што сега го имаме како некој „квалитет” е сѐ уште благодарејќи на златната ера на КМФ Железарец кога го освоивме 6-то место во Европа во Лигата на шампионите во 2015 година.
Потоа немањето на едуцирани тренери. Знаете ли дека во Македонија нема ниту еден лиценциран футсал тренер, освен јас кој вложував во моето едуцирање речиси осум години. Ниту еден тренер ја нема ниту базичната Б лиценца.
И трето, според мене најголем хендикеп е немањето на млади категории во клубовите. Сите клубови кои се натпреваруваат посебно во Првата футсал лига, мораат да имаат и екипи У-19 кои ќе се натпреваруваат во некое организирано натпреварување под капата на ФФМ. Знаете ли дека, во просек нашата лига е убедливо највозрасна во цела Европа? Главни играчи во клубовите се оние кои имаат по 36, 37 или 38 години. Оваа година треба да има Квалификации за репрезентации до 19 години, а ние речиси и да немаме 15-тина играчи регистрирани во клубовите кои се родени 2002 и помлади. Затоа треба под итно Комисијата за футсал да организира семинари за тренери, каде што јас ќе ги искористам моите релации со УЕФА и ќе доведам предавачи и заедно со мене ќе им го пренесеме знаењето на тренерите кои работат во нашите Лиги. Потоа, ако имаме предвид дека клубовите немаат средства за вложување во младински екипи, треба веќе од есен да се организира една мини академија за млади категории под покровителство на ФФМ, за што имам веќе изготвено програма и ќе ја доставам до Комисијата за футсал.

Liga Nacional de Futsal, Primera Division, или Championnat de France de Futsal? Која топ лига ја преферирате како обичен фан, а која од стручен аспект? И кои се сличностите и разликите помеѓу овие елитни футсал клупски натпреварувања?

-Дефинитивно секој фан би ја преферирал Бразилската лига, каде што има најмногу атрактивни потези, многу голови, но за мене најквалитетна лига во светот е Primera Division. Тоа е лига каде што сум ја имал таа привилегија кога бев на еден семинар во Мадрид 2006 година да одржам еден тренинг со Boomerang Interviu (кој патем таа година беше и Европски клубски првак)  кога полагав за А лиценца и навистина се работи за исклучително професионална лига, каде што сите клубови се максимално на високо ниво, каде што ништо не се остава на случајност. Сите овие лиги кои ги набројавте можеби имаат висок квалитет на натпреварување, освен Фрацуската која што е релативно понова од Шпанската и Бразилската, но сепак разликата во делот на организацијата, поставеноста се далеку на страната на  Primera Division.

Едни од најдобрите бразилски фудбалери во историјата, произлегле од школските сали и отворени терени за мал фудбал во Сао Паоло, Рио, Манаус. Можеби и најдобрата генерација на Барселона и една од најмаркантните во историјата на фудбалот (Чави, Иниеста, Бускец, Меси), своето знаење и умеење го влече од футсалот како таков. Дали и колку има вистина во тоа дека еден футсалер би можел лесно да се снајде на големиот зелен терен, а од друга страна класичниот фудбалер би имал потешкотии да се пресели во сала?

-Јас честопати знам да кажам дека футсалот и фудбалот се сосема различни спортови и дека единствената сличност е играњето со нога, но во сите други сегменти футсалот е поблизок до кошарката. Искрено, кога почнував со мојата тренерска кариера, пред некаде 20-тина години, најголемите „проблеми” да ги совладаат вештините во футсалот ги имав со врвни фудбалери од нашата земја кои ја имаа завршено својата фудбалска кариера и започнуваа да играат футсал. Кога во една прилика го повикав Ѓорги Христов да заигра за нашиот футсал национален тим и дебитираше за Македонската футсал репрезентација, самиот ми призна дека футсалот е навистина тежок спорт, пред сѐ физички со многу брзи спринтеви, промена на правецот на движење, како и ментално затоа што мора да се најде брзо решение на мал простор во делот од секундата.
Така да, ако ме прашувате кој подобро би се снашол, тогаш дефинитивно футсалерот во фудбалот, одколку фудбалерот во футсалот.

Каква улога играат интелигенцијата и техничкиот аспект во создавањето на врвен футсалер?

-Многу голема, би рекол доминантна улога за развој на еден врвен играч во футсал пред сѐ, би рекол неговата спортска интелигенција, неговиот капацитет за перцепција на секоја ситуација, а знаеме дека таму ситуациите се менуваат секоја секунда. Секако дека техничко-тактичкиот сенс е од важно значење за правилен развој, но сепак мислам дека интелигенцијата е од пресудно значење дали еден футсалер ќе стане врвен играч или не. Мојот ментор, селекторот на Португалија Хорхе Браз, честопати знеше да каже, секој добар играч во футсал има за секоја ситуација две решенија, а одличниот и оние најквалитетните кои што се разликуваат од останатите имаат и трето решение кои што ние неможеме да го видиме во дадена ситуација.

Вечното прашање и за Скендеровски: Фалкао или Рикардињо? Можеби некој трет?

-И двајцата одлични, магични играчи, но за мене неприкосновени се Кике Бонед и Чави Родригез. Тоа се играчи кои што ги имат освооено сите можни титули со Шпанија и клупски првак на Европа.

Како гледате на успехот на македонската фудбалска репрезентација и дали имаме шанси за „нешто повеќе“ на претстојното Европско првенство?

-Секој љубител на спортот не може да остане рамнодушен на она што го постигна Македонската фудбалска репрезентација. Огромен успех, нешто што до пред шест-седум години не можевме ниту да замислиме дека може да ни се случи. Сепак овој успех можеше и да надзирне после пласманот на репрезентација до 21 година на Европското првенство во Полска 2017 година. Се створи една млада генерација која во спој со поискусните ги искористи своите пет минути и ете не на Европското првенство. Секако дека имаме шанси и мислам дека нема да играме епизодна улога во Букурешт и Амстердам, веќе сите не гледаат со други очи, посебно после победата против Германија пред неколку недели. Кога ќе се вклопат сите коцки во мозаикот, резултатскиот успех е неизбежен. Добра генерација, со победнички менталитет, добра органзација… тоа е рецептот за успех.

Што понатаму и каде сега за футсал селекцијата?

-Кажав и претходно, ќе повторам и сега. Нема откажување од идејата да се створи една нова генерација која ќе се избори за пласман на едно големо натпреварување. Веќе имам појасна слика за нашиот капацитет и навистина сум оптимист. Овие кавлификации на површина ги извади нужните чекори за во иднина. Континуирано подмладување, многу пријателски натпревари со силни противници, и секако идејата за мини академија која ќе функционира на регионални нивоа, со неколку координатори-тренери кои се дел од мојот стручен штаб. Верувајте дека имаме потенцијал само треба многу работа и упорност. Марковски, Рамадани, Аљиљи, Михајлов се само дел од играчите кои ќе бидат новото лице на нашата репрезентација заедно со поискусните Петровиќ, Исмаили, Крстевски, Леовски, Мицевски, Арсовски, Петровски…

 

 

Давор Јосифоски

Фото:

ffm.mk

kurir.mk

old.ekipa.mk

dribling.mk