Фудбалот е пасија, страст. Фудбалот е најважна споредна работа во светот и сигурен сум дека на навивач на Ливерпул му е поважна победата над градскиот ривал Евертон отколку натпревар на пример со Атлетико Мадрид, вели Панче Ќумбев, поранешниот репрезентативец и фудбалер на Работнички, кој во две реченици за mms.mk се обиде да ја долови суштината на играта што со години го маѓепсува светот.
Дискутирајќи за идејата на Европската Супер Лига, идеја која не го виде светлото на денот и создаде мини-револуција на европско тло, Ќумбев даде свое видување на нејзината потенцијална имплементација, последиците од неа, но не беше помалку критичен и за Европската куќа за фудбалот. Eкс-играчот на Легија од Варшава, а сегашен претседател на Синдикатот на фудбалери во Македонија, прогнозираше каде ќе се најде македонската фудбалска репрезентација на претстојното Европско првенство и додаде дека ќе продолжи да се бори за остварување на правата на секој еден фудбалер во нашата земја.
Четириесет и осум часа откако се изроди идејата за Европската Супер Лига, истата беше инстантно суспендирана, соочувајќи се со „англискиот домино ефект”. Кое е вашето генерално мислење за идејата која не го виде светлото на денот?
-Јас сум генерално против оваа Супер Лига. Фудбалот е игра за сите, а вака би било само забава за богатите клубови. Јас би сакал повеќе да гледам како на пример Динамо Загреб го победува Тотенхем, како Лестер ја освојува шампионската титула во Англија или како Аталанта гази и во Италија и во Лигата на шампионите. Како тимовите што сакаа да направат Супер Лига би играле во своите домашни лиги и со какви амбиции би играле за второ, трето или четврто место кое води во Лигата на шампиони? Мислам дека самата реакција на нивните навивачи е доволна да овие тимови се повлечат од оваа идеја. Јас донекаде ја разбирам и загриженоста нивна поради нивната финансиска ситуација и големите долгови, но нека земат пример од тимови како Баерн Минхен и нека не даваат големи пари (пари кои ги немаат) за играчи.
Како е можно, големците на чело на европските фудбалски гиганти, да не ја антиципираат реакцијата на љубителите на фудбалот, фановите, навивачите, јавноста и медиумите, при стартувањето на овој проект? Кој елемент го изоставија Перез и Ањели при планирањето за „затворената лига на богати”?
-Мислам дека не сметаа дека навивачите ќе застанат на страна на фудбалот. Фудбалот е пасија, страст. Фудбалот е најважна споредна работа во светот и сигурен сум дека на навивач на Ливерпул му е поважна победата над градскиот ривал Евертон од колку натпревар на пример со Атлетико Мадрид.
Што ќе значеше имплементацијата на Европската Супер Лига за националните првенства и кој ќе беше колатералната штета во оваа неславна приказна?
-Најмногу ќе настрадаа домашните лиги. Еве да земеме пример годинава каде што Манчестер Сити е со една нога шампион во Англија. За што би играле Челзи, Ливерпул, Јунајтед, Тотенхем во Премиер Лигата? Ако тоа второ, трето место не им значи ништо? Ќе гледавме калкулации, играње со втори состави и слично.
Европската куќа на фудбалот овојпат се најде на страна со навивачите кои безусловно ги сакаат своите клубови и самата игра, но во сенка на пропастот на Супер Лигата, не смееме никако да заборавиме дека на УЕФА итно ѝ се потребни реформи? Во кој дел сметате дека УЕФА мора да претрпи промени и да го доближи фудбалот до обичниот човек, а не до профитот?
-Ако веќе ја критикуваме идејата за Супер Лигата тогаш треба да бидеме реални и да кажеме дека и УЕФА не е „цвеќе за мирисање“. Пренатрупан распоред на натпревари кои ги играат играчите во текот на една сезона е физички неиздржливо. Секои три дена натпревар, патувања, карантини. Сето тоа е голем терет и како резултат на тоа гледаме се почести повреди на играчите и нивни отсуствувања од зелените терени. Големи пари зема УЕФА од европските натпреварувања и можеби треба да најде начин да учествува со поголеми премии за тимовите кои што избориле европски настап.
Македонската фудбалска репрезентација за првпат ќе настапи на едно големо натпреварување, а во меѓувреме добрите игри се претворија во победа против една Германија вo Дуизбург. Дали нашата селекција „јава на еуфоријата од Тбилиси и го користи одлично моментумот”, или некои работи системски се помрднати од мртва точка?
-Ја живееме фудбалската бајка и тоа е она што го чекавме 30 години. Имаме златна генерација предводена од нашата икона Пандев. Лигата на Нации ни дојде како кец на десетка. Искрено се надевам дека ова е само еден почеток на големи успеси на нашата репрезентација, затоа што оваа генерација докажа дека неслучајно ќе бидеме на европско првенство. Со победата над Германија сигурен сум дека цел свет сега гледа на нас со други очи.
Од стручен аспект, која е најголемата предност на селекторот Ангеловски и кој е конкретно неговиот импакт врз игрите и успесите на нашата селекција?
Мислам дека Мрме добро ја склопи репрезентацијата, внесе другарска атмосфера, го врати Пандев. И според мене најважен фактор е што им даде шанса на онаа златна генерација на Боби Милевски што играше Европско првенство во Полска. Спојот на младоста и искуството го даде својот ефект. Плус за мене клучен фактор е настапот на Адеми во сите овие натпревари. Одамна не сме имале играч од таков калибар и мислам дека е голема алка во нашиот синџир.
Покажавме дека повеќе не сме „важно е да се учествува” репрезентација и како такви, дали мислите дека на претстојното Европско првенство можеме да направиме чекор понапред и да се надеваме на елиминациона фаза?
-Да бидам искрен победата над Германија ни дава за право да веруваме на пласман во следната фаза на Европското првенство. Ниту Украина ниту Австрија не се репрезенетации кои се многу поквалитетни од нас, додека Холандија не е онаа старата и мислам дека и со нив имаме шанси за добар резултат.
Kаков ви е впечатокот за сезоната 2020/21 во ПМФЛ? Најголеми губитници, најголеми победници?
-Па донекаде очекувано, освен распадот на Вардар. Штета за овој бренд меѓутоа луѓето од Скопје мораат да најдат начин да се спаси клубот од најлошото. Шкендија заслужено е првак, Шкупи и Македонија Ѓорче Петров заслужено се борат за место во европските купови. Одлична работа прави Срле Захариевски со Струга и можеме само да му честитаме на одличната работа. Можеби мало разочарување е Работнички, но верувам дека следната година ќе се врати на старите патеки. Интересна ќе биде борбата во долниот дел од табелата но остануваат уште три кола и сѐ е можно.
Кои се тековните активности на Синдикатот на фудбалери чиј главен претставник сте вие и како се движи борбата за правата на фудбалерите и вреднување на нивниот труд?
-Работиме за жал онлајн, со семинари и конгреси, но некако функционираме. Се бориме за правата на играчите и нормално учиме секој ден од нашите претпоставени(ФИФПРО)
Ќе продолжиме да ги застапуваме интересите на нашите членови и ќе се бориме за подобро утре за секој фудбалер.
Давор Јосифоски