Во врска со вчерашните информации за учество на припадник на АРМ во инцидент на прославата на празникот Илинден на Мечкин Камен, Министерството за одбрана ја известува јавноста дека е формирана Комисија со цел покренување на постапка против професионалниот војник Мартин Богоевски кој е евидентиран односно препознаен на видео снимка од инцидентот во Крушево.
Со цел да се добие увид во ситуацијата и во заднината на случувањата, професионалниот војник Богоевски денеска е повикан на разговор и на распит во Воената полиција. Во текот на распитот војникот Богоевски, иако на видео-снимките се гледа како стои во првиот ред, негирал дека учествувал во инцидентот во кој беа нападнати вербално и со фрлање предмети високи официјални гости од странство како и владината делегација која дојде на Мечкин Камен со цел да зеде учество во прославата на Илинден.
Министерството за одбрана го осудува учеството на професионалниот војник Богоевски во инцидентот и укажуваме дека на припадниците на институција како што е АРМ не им е местото во групи кои користат насилство за остварување на политички цели и кои со напади врз високи странски официјални лица го нарушуваат угледот на АРМ и на Република Македонија.
Министерството за одбрана ќе ја информира јавноста за текот на постапката и за преземените мерки во врска со овој случај.