Тачи: Корекција на границата со Србија е потребна, но би било тешко прифатливо за Белград – ММС
ММС

Објавено на: 08/3/18 11:46 AM

Тачи: Корекција на границата со Србија е потребна, но би било тешко прифатливо за Белград

Косовскиот претседател, Хашим Тачи останува на идејата дека треба да се постигне договор со Србија за корекција на границата меѓу двете држави, со тоа што Прешевската Долина ќе се припои кон Косово, но смета дека еден таков договор тешко дека ќе се прифати од Белград, јави дописникот на МИА од Приштина.

– Како претседател на Косово го барам тоа за да го заштитам што подобро државниот интерес и да ги легитимирам историските политички барања на Албанците од Прешевската Долина за обединување со Косово, изјави Тачи на денешната прес-конференција во Приштина.

Тачи истакна дека не ги разбира „дилемите, во подобар случај, а противењата во полошиот случај, на одредени парламентарни партии да се обедиинат околу ова историско барање и можност за исправка на грешките од минатото, кои се направени на штета на Албанците од Долината“.

За разлика од овие негови ставови изнесени деновиве, Тачи мината недела на претставници на Албанците од Прешево, Бујановац и Медвеѓа им изјави дека го почитува територијалниот интегритет на Србија.

Косовскиот претседател денеска пред новинарите нагласи дека ставовите на Белград за поделба и размена на територии немаат врска со неговите идеи за корекција на границите.

– Ставовите на Белград за поделба и размена на територии немаат никаква врска со моите идеи и тие се категорично против моите принципи. Косово остварува средби со Србија единствено како суверена држава и за тоа што го предлага Србија јас не сносам никаква одговорност, јас зборувам единствено во име на граѓаните на мојата земја, изјави Тачи.

 

Извор:МИА