Ставовите на Владиката Петар се неразбирливи и крајно разочарувачки. Реториката со која ги отфрла препораките за заштита од коронавирусот во време на пандемијата за велигденските празници се целосно неприфатливи, реагираше министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој додаде дека игнорантскиот однос на верските заедници влијае врз безбедноста и здравјето на граѓаните и потсети дека битката со вирусот е заедничка и секоја алка во тој синџир на одговорност мора да функционира.
-Почитуван владико, како верски авторитет вие треба да бидете пример и први да застанете во заштита на здравјето на граѓаните, како и да не дозволите да ни се повторат грешките од минатото. Зачудува вашата негрижа за можните последици и ризиците кои ги носат одредени обичаи. Додека останатите верски институции во соседството и пошироко ги преземаат сите мерки за заштита и ги прилагодуваат обичаите, вие го правите спротивното. Моите лични напори да обезбедиме дијалог и заеднички став за тоа како да го заштитиме населението за време на празниците очигледно за вас ништо не значат. Сакам да ве потсетам дека во соработка со верските заедници, предложивме протоколи и мерки кои овозможуваат верниците да го прослават празникот намалувајќи ги ризиците од ширење на вирусот, изјави Филипче.
Министерот апелираше до граѓаните да бидат максимално одговорни за време на празниците и да ги почитуваат мерките за заштита.