Наскоро ќе се знае конечната одлука за третиот рок за довршување на автопатот Кичево – Охрид. Во тек се подготовки и разговори од кои треба да произлезат решенијата за анекс број 2 како дел од договорот за изградба на оваа патна делница, потврдија денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП „Државни патишта“, Ејуп Рустеми по увидот на работите на патот Маврово – Дебар.
Продолжувањето на рокот е неопходно, бидејќи, како што рече Рустеми, последниот рок истекува на крајот од јуни оваа година.
– Нема шанси да се заврши патот во овој рок. Од тие причини водиме преговори со изведувачот, компанијата „Синохидро“ за продолжување на рокот. Деновиве сме во интензивна комуникација и очекувам до средината на мај дојдеме до заедничко решение, рече Рустеми.
Со овие преговори треба да се прецизира и крајниот рок, што ќе биде дел од Законот за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба, заради склучување на Анекс бр. 2 кон договорот за изградба на патна делница Кичево – Охрид, по скратена постапка.
Министерот Бочварски на новинарското прашање за изнаоѓање решение, одговори дека Владата е силно посветена на овој проблем.
-Изминатиов период работевме на репроектирање на трасата и досега се завршени 25 проценти. Само последниве недели одобрени проектите за 16 позиции, од вкупно седумдесет. Со тоа се овозможува подобра динамика на градежните работи и конечно да се добие една современа автопатска делница, рече Бочварски.
Тој посочи дека во овој период интензивно се работи и на експропријација на земјиштето и на решавање на проблемите кои ја забавија реализацијата на овој патен правец и конечно ставање во функција.
Изградбата на автопатот од Кичево кон Охрид со должина од 57 километри почна во 2014 година. Според најавите требаше да биде готов во 2018-та. По проблемите кои настанаа на трасата, рокот беше поместен за јуни 2021. Засега не е утврден третиот и краен рок за завршување на инвестицијата вредна 598 милиони евра.
МИА