-Седејки на ова крсно место чекориме во последната недела од големиот чесен Велигденски пост. Овој ден нашиот народ го подготвува со добри дела. Со убавина да го дочекаат најголемиот ден во верата, Велигден или Хрсистовото воскресение, вели отец Пајко од манастирскиот комплекс „Св. Троица„ во кумановското село Скачковце.
Меѓу убавините што ги нуди овој комплекс, а кое не натера на овој ден да го посетиме, е и велигденското јајце, кое го краси манастирот со пораката: „Христос воскресе – Вистина воскресе“.
-Пред 10тина години за радост, за поука и предизвик на сите посетители направивме едно големо велигденско јајце со височина од три метри, а кое тежи 12 тона. Направено е од мермер, бојадисано во црвено, врз кое, како што личи, е испишан велигденскиот поздрав. Направено е за да стои за вечни времиња, вели отец Пајко, кој е најзаслужен за оваа Божја убавина.
Не е само велидгенското јајце, предизвик за верниците да го посетат овој комплекс на големиот христијански празник Велигден, но и други денови во годината за духовно смирение. Во овој комплекс има многу работи кои се тука да не потсетат за нашата вера, а тоа е ликот на „Св. Богородица“, црквата „Св. Троица“, големата склуптура на Св. Климент, светата книга со 10те Божји заповеди, богородичната вода, која нуди благосостојба во овој супен кумановски крај, и новата црква што допрва се прави а ќе биде посветена на рожденствто на мајка Богородица и ќе го носи нејзиното име.
– Овој комплекс служи за зачувување на нашата вера и традиција, религиозно, морално. Ова е големо светилиште кое постои од 13 век. Ние свештениците и нашите претпоставени треба да се водиме од едно христијанско начело- оти прво ние свештените лица треба да правиме добри дела, па после да бараме и нашите верници да прават. Само така ке бидеме вистински учители и вистински патоказ кој ќе не одведе во вечни добра и до светињата на вечен живот, вели отец Пајко.
Тој вели дека на Велики четврток рано наутро пред изгрејсонце се бојадисуваат јајца, со малку света вода и кога ќе изгрее сонцето тие се носат во црква, ги подаруваат на Бога како голем дар а воедно и ја искажуваат својата вера дека веруваат во воскресението. А воскресението е победа над секое зло. „Св. Апостол Павле“ вели: „Ако Христос не воскреснеше, залудна ќе беше нашата вера“.
-Значи со воскресението смртта ја победува смртта и на сите нас ни дарува живот. Затоа и црвената боја на велигденското јајце ја симболизира крвта на многуте маченици. Тоа од нас бара да се однесуваме со должна почит и да ја пренесеме нашата вера и традиција на идните генерации.
Моите начела се да не жалиме за секој ден што ќе помине во добрина , да се помагаме, да љубиме и својата вера да ја посведочуваме со дела, додава отец Пајко.
Тој вели дека сега е време на пандемија, па во овој божествен комплекс нема многу гости, но овде во убави времиња имало многу посетители, тука дечињата се учат да се крстат и кога ќе си заминат го паметат по нешто убаво.
-Јас не сум фактор, јас сум синапово зрно и имам мерак да гледам луѓе тука. Овде е извадена вода и за Велигден ќе ја пуштиме водата „Св. Богородица“. Мене никој ни ништо не ми дал, ниту претпоставени, ниту татко ми, туку Господ рече: Синко, тука боцни и тука ќе извадиш вода, затоа што оваа вода е лек. Лечи од депресија, смирува, помага од вражбини.. Па и тоа е лек против ковид. Ако човек е здрав и здраво ќе расудува и здрави одлуки ќе носи. Јас сум многу среќен што имаме можност да си ги одбележуваме празниците. Секој посетител овде се што сака да види, ќе види. Извонредна природна поставеност, на рид, има посадено над 4.000 дрвја, цвеќе, чуваме и животни. Има извонреден живопис кој зборува. Како библија е која не мора да се чита.
Само да се видат светците, тие сами зборуваат. Ликот на „Св. Климент Охридски“, кој не е проект на 2014, па некој да го руши, туку тоа е мој проект. Затоа што сум сакал да се оддолжам на тој прв македонски поглавар. Ова е мојата најголема доблес за моите 45 години попска работа. За кога ќе дојдат посетители да знаат кој е „Св. Климент Охридски“, кој им ја држел раката на луѓето за да можат да ги напишат зборовите. Тој бил светец, кој целиот живот го посветил на Бога, ја утврдил македонската православна црква, вели отец Пајко и додава:
-Овде не треба ништо освен да се почитува манастрискиот ред, да се однесуваат христијански. Да правиме благопријатни муабети, да зборуваме за убава работа. За Велигден доаѓаат луѓе да се исповедаат и ако се исповедаш и простиш е голема работа. Ако даде Господ за една година ќе ја живописат црквата која е посветена на рагање на пресвета Богородица и ќе се користи за крштевање. Па нашиот народ почнува да навлегува во верата со крштевање, додава отецот.
Неговата духовитост секој посетител не го остава рамнодушен. Отец Пајко вели дека нему секој ден му е како песна.
-Мене секој ден ми е Велигден, бидејќи сум среќен. Тоа е силата на човекот. Затоа имајте љубов во себе, верувајте во себе, верувајте во Бога, верувајте и сакајте си ја својата земја, бидејќи кој се сака себе си тој може да ги сака и другите. И овој Велигден со божествена светлина на Христовото воскресение да ни донесе радост и благослов, мир, подобро здравје и на нас и на тие што се со нас. Да живееме среќно и од Бога благословено, порача отец Пајко од крсното место „Св. Троица“ во кумановското село Скачковце.
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски
.