Политиките на Владата во однос на унапредувањето на човековите права и слободи и демократскиот амбиент, во континуитет се препознавани од релевантни меѓународни организации.
Последна потврда за тоа е Извештајот на „Фридом Хаус“ кој нотира дека Република Северна Македонија постигнала напредок во демократскиот резултат од 3,75 на 3,82, со подобрувања во областите на националното демократско управување и изборниот процес, напиша премиерот Заев на својот „Фејсбук“ профил.
-Фридом Хаус“ потенцира дека Република Северна Македонија е единствена земја со демократски напредок во Западен Балкан. Напредокот на нашата држава е втор најдобар резултат во Европа, од вкупно 29 земји кои се анализираат во извештајот. Во извештајот е нотирано и дека „Владата на премиерот Зоран Заев ги поправа институционалните штети нанесени од десничарските претходници и сѐ уште има шанси да донесе уште демократски придобивки. Извештајот на „Фридом Хаус“, како и претходните извештаи на ГРЕКО и Стејт Департментот, се силни меѓународни признанија за одговорното, транспарентното работење на Владата, рече Заев.
За него ваквите меѓународни признанија претставуваат потврда дека земјата е на вистински пат, но и мотив за институциите да работат кон поголема демократизација на општеството, борба против корупцијата, транспарентност и владеење на правото.