Што повеќе ги препишуваме антибиотиците, толку повеќе ги губиме. Антибиотик треба да се даде кога има барем сомневање или доказ за бактериска инфекција, советува д-р Никола Пановски.
Во рамките на Светската недела на имунизација тој одржа онлајн предавање на тема „Рационална употреба на антибиотици во време на ковид пандемија“.
Тој алармира дека антибиотици се даваат „на слепо“ и потсети на минатогодишниот тренд кога луѓето создаваа залихи од антибиотици во своите домови.
„Има илјадниици случаи каде се препишуваат различни антибиотици за ковид дури и кај асимптоматски случаи. Голем дел од нашите пациенти добиваат симптоми мислејќи дека им се од ковид, а тие всушност им се од голема доза антибиотик“, истакна професорот.
Според него, Фондот за здравствено осигурување губи пари поради ваквата практика, која како што вели Пановски, треба да биде спречена.
„Народски кажано, докторите препишуваат антибиотици за да не му се спушти вирусот на пациентот на белите дробови, но антибиотикот тоа не може да го спречи. Кај нас веќе стана стандардна двојната доза Сумамед. Немаме контрола, ситуацијата е вонредна и никој не ги контролира лекарите кои во услови на голема паника така се покриваат себеси, а не пациентот“, забележува проф. д-р Пановски.
Тој посочува дека ова се случува затоа што има доктори кои лекуваат по телефон.
„По телефон може да се дадат витамини или суплементи за да се зајакне имунитетот. А кога превентивно давате кортикостероиди и антикоагуланси тогаш тоа е пример за отруен пациент. Во тој случај нема да знаеме што претставува последица од болеста, а што последица од лековите“, предупредува Пановски.
Тој додава дека кај пациентите кои се на домашно лекување, а се со јака терапија, постои ризик да се намали одбранбената улога на нивниот микробиом. Анализите кои ги направил професорот, укажуваат дека Фондот е оштетен за 500 илјади евра, односно препишувани се антибиотици без никаков ефект, што според професорот, може да доведе до зголемен број пациенти со чир на желудникот.
Во своето предавање тој се осврна и на фактот дека нема официјални водичи за лекување, па во нивно отсуство се создава паника кај докторите.
Кога станува збор за ситуацијата во пошироки размери, статистиките покажуваат дека во десет европски земји од почетокот на пандемијата зголемило користењето на антибиотици, а луѓето верувале дека така ќе спречат да се разболат. Во земјава пак, антибиотиците се едни од лековите кои најмногу се трошат, речиси исто како и антидепресивите и лековите за кардиоваскуларни заболувања. Пановски оценува дека на Балканот генерално гледано антибиотиците „уживаат“ голема потрошувачка, па така на ниво на ЕУ, Грција е земја со највеќе потрошувачка на антибиотици, а со децении во Холандија тој број е за три пати помал.
(В. Ми)