Пандемијата со ковид-19 го намали бројот на претставки поднесени до Народниот правобранител. Во текот на ланската година граѓаните поднеле 2448 претставки, а опфаќајки и дел од претставките поднесени во 2019-та, институцијата постапила по 2931 претставка.
Народниот правобранител, Насер Зибери вели дека ова не значи подобар квалитет на заштитата на правата и слободите на граѓаните. Според него, намалениот број претставки и поплаки се должи на намаленото движење поради ефектите од актуелната пандемија.
Во текот на 2019 –та година се поднесени вкупно 4075 претставки, а слична е бројката и за 2018-та година. Сумираното пак, од она на што граѓаните најмногу се жалеле изминатава година, е нотирано во најновиот извештај за степенот на обезбедувањето, почитување, унапредување и заштита на човековите права и слободи. Документот веќе е поднесен во Собранието и Зибери очекува наскоро да се најде на дневен ред, за да може пратениците да го разгледаат и да го усвојат.
„Дејствувањето на институциите се преиначи, пандемијата имаше влијание и врз работата на Народниот правобранител, па освен тековните работи, бевме обврзани да ги следиме и сите промени во законите за време на вонредната состојба, кои како уредби на Владата директно влијаеја врз ограничувањето на слободите на граѓаните“, изјави Зибери на денешната презентација на извештајот.
Тој алармира дека коронавирусот најголемо влијание имал врз децата, чии права најмногу се нашле на удар.
„Промената на начинот на изведување на наставата, наставата со онлајн присуство предизвика сериозни проблеми кај децата. Имаше отсуство на соодветна опрема за следење на наставата, отсуство на електрична енергија често пати и како резултат на неплатени сметки и исклучување, недоволен квалитет на интернет по домовите. Сето тоа сериозно се одрази врз воспитно-образовниот процес во земјата, а посебно кај децата со попреченост“, изјави Зибери. Тој и неговите колеги од институцијата веќе поднеле барање до МОН да се отстранат пречките и да се овозможи целосен опфат на децата во образовниот процес.
Не изостануваат и претставките на граѓаните во однос на правосудството, а дури 195 претставки се однесуваат на работата на извршителите. Извештајот нотира дека најголем дел од овие претставки се однесуваат на блокирањето на сметките, на редоследот на извршување на решенијата за симнување на паричните средства, но и на продирањето во загарантираните лични финансии како минимална плата, социјална помош и други.
„Голем е бројот и на претставки за работните односи, односно поднесени се 258 претставки. Има сериозни проблеми, не се почитува навремената исплата на платите, па дури и на минималните приходи. Имаше проблеми во однос на она што субјектите го добиваа од државата, но во делот на приватните компании Народниот правобранител не е надлежен“, додаде Зибери.
На денешната прес конференција тој нагласи дека на некои граѓани неосновно им се одложува постапката за правата од социјалната заштита.
„Неосовано се оддолжува постапката за правата од социјалната заштита. Народниот правобранител има дадено препораки до Центарот за социјални работи во Скопје како најголем центар кој штити поголем број граѓани да се надмине состојбата, но тоа не е направено. Информирано е и надлежното МТСП за востановените проблеми“, изјави Зибери.
Според годишниот извештај за минатата година, пандемијата се одразила и врз функционирањето на судовите, особено основните судови.
„Состојбата во управното судство е незадоволителна, како резултат на недоволната координација меѓу органите на управата, а исто така и како резултат на начинот на кој се применува Законот за управни спорови“, објасни народниот правобранител.
Тој се осврна и на условите во затворите каде главните забелешки и понатаму остануваат во делот на лошата исхрана и несоодветната здравствена заштита.
„Во Тетово лани се отвори Воспитно-поправен дом, каде исто така заостанува овозможувањето здравствена заштита. Во овој Дом е вработена само една медицинска сестра, а на повик доаѓаат лекари од Здравствениот дом во Тетово. За младите во оваа институција не е заокружен образовниот процес, бидејќи се изведува настава само по мајчин јазик, англиски јазик и математика“, додаде Зибери.
Во годишниот извештај на Народниот правобранител не е заобиколен ниту проблемот со немањето државјанство кај дел од граѓаните.
„Уште постојат граѓани родени пред 1991 година без државјанство. Недозволиво е лица кои се родени во земјата, врзани се по сите критеируми кои ги предвидува и Европската конвенција за државјанство да бидат лишени од ова право. Ова треба да се надмине со Законот за државјанство“, апелира Зибери.
Тој посочи дека немаат конкретни податоци за тоа колку граѓани се без државјанство. Вели со бројките се лицитира, додека МВР располага с одредени податоци, политичките субјекти располагаат со други. Инаку во однос на ова прашање, до Народниот правобранител лани поднесени се 9 претставки.
Институцијата забележува и дека Управата за водење матични книги, не успева ефикасно да се справи со проблемот на вадење извод.
„Се овозможи олеснување на постапката преку електронското вадење на изводи од матичните книги, но во пракса се покажа дека тоа е сериозен проблем. Граѓаните неретко остануваа без добивање на овие исправи, наместо тоа да биде рутинска работа и во системот на издавање на изводи да бидат опфатени и други субјекти кои по закон се овластени“, потенцира Зибери.
Во извештајот не заостанува и нотирањето на бегањето на штитениците од малите групни домови
Заменичката-народен правобранител, Васка Бајрамовска-Мустафа смета дека оваа појава не се должи на чувство на загрозеност, туку треба да се подобри ресоцијализацијата на децата сместени таму.
„Ова е сериозен проблем уште од кога децата беа сместени во установите за згрижување, но продолжи нивното бегање, па дури и сега кога се во малите групни домови. Нашиот тим изврши посета, разговараше со децата кои ги затекна, бидејќи дел беа во бегство. Се бараше да се преземат мерки за работа со децата, очигледна е слабоста. Голем дел од нив се жртви на трговија со луѓе, некои се без родители и родителска грижа и ако државата не ги вложи сите напори за соодветен третман ќе имаме чести бегства на децата од малите групни домови. Не се чувствуваат загрозени, туку тоа се деца со кои мора да се работи. Сместени се во домовите за да се променат на подобро, но ресоцијализацијата не дава ефект“, заклучува Бајрамовска-Мустафа.
Одговарајќи на новинарско прашање како би ги „рангирал“ институциите во однос на несоработка со институцијата Народен правобранител, Зибери истакна дека не е задоволен од Собранието.
„Ние поднесвме барање за определување субјекти кои се дел од механизмот за граѓанска контрола бидејќи согласно законот им е истечен мандатот. Нашето барање не е разгледано и не е одлучено дали истите ќе останат, ќе се објави оглас, ќе се изберат нови субјекти и на тој начин да се комплетира механизмот кој е еден од новите инструмени на Народниот прабранител, а за кој интерес пројавуваат и меѓународните организаци и амбасадите. Моја интенција е тој проблем да се надмине, а во минатото постоел и не знам зошто не функционрало. Им ветив на невладините дека ќе бидам отворен за сорабока“, додаде Зибери.
Тој информира дека подготвува и измени на Правилникот за систематизација, но сепак се сомнева дека тие за брзо ќе дојдат на дневен ред меѓу пратениците.
В. Ми