Лидерот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи за ММС изјави дека тие не организираат никаков бојкот на наставата и дека организацијата е на одредени групи кои манипулираат со јавноста.
– Сојузот на средношколци не донел таква одлука. За бојкотот во некои училишта утринава дознавме од вас медиумите. Сигурно тоа се користи за манипулација на учениците и политичко поентирање – рече Ходаи.
Синоќа наставници од голем број на училишта преку социјалните мрежи Вибер и Фејсбук биле информирани од своите ученици дека денес ќе ја бојкотираат наставата како израз на незадоволство поради предлог-законот за воведување на дигитални учебници и дека законот ќе добие европско знаменце пред да влезе во собраниска процедура.
„Сојузот никогаш не организирал ниту пак повикал на бојкот поради дигитализацијата на учебниците. Најпрвин, мораме да кажеме дека нема потреба од такви појави. Дигитализацијата на учебниците се однесува на само на IV одделение, според нашите информации. Само учебниците за IV одделение ќе бидат дигитални од септември, а многу години ќе поминат додека отпочне процесот на дигитализирањето на наставните материјали во средното образование. Наш став е дека секој ученик треба да го има правото да избере од каков учебник сака да учи. Но, ваквите повици за бојкот ги манипулираат и им штетат на средношколците. Многу ученици денес беа изманипулирани од страна на ваквите групи без да знаат за што точно се бојкотира или кој го организира тоа, затоа ги повикуваме образовните власти да ги оправдаат изостаноците.
Ученици, овој бојкот е лажен и беспредметен!“, стои во дополнителната реакција на Сојузот на средношколци.
Бојкотот на наставата доаѓа на еден месец кога средношколците ги прават последните подготовки за државната матура и интерните испити.
Орце Костов