Нема дилема дека вакцините се поврзани со некои несакани ефекти, бидејќи секое медицинско средство е поврзано со одредени несакани реакции, дециден е директорот на Институтот за имунологија, д-р Александар Петличковски. Според него, лоша е споредбата којашто луѓето ја прават во однос на тоа што ќе им се случи ако се вакцинираат и кој би бил резултатот ако не се вакцинираат.
„По вакцинирањето може да се јави замор, зуење во ушите и слично, но треба да се прави споредба меѓу тоа што ќе ни се случи ако се вакцинираме и што ќе ни се случи ако случајно се разболиме. Овие две нешта треба да се споредат за да направиме проценка дали треба или пак не, да се вакцинираме“, порача Петличковски на вчерашниот онлајн настан кој го организираше Македонската медицинска студентска асоцијација.
Д-р Петличковски предупредува дека како некоја личност ќе ја помине болеста, е руски рулет, додека несаканите ефекти од вакцините се бројат на една рака.
„На вирусот не може да му забраните да влезе во дишниот тракт на вакциниран човек, но тој може да го пренесе на некој невакциниран. Реално, вакцинирањето поткрепено со социјални ограничувања ќе ги затвори сите шанси на вирусот за преминување и бескрајно кружење се’ додека не се поминат сите и додека сите не остварат имунитет со вакцинација или со прележување“, објасни првиот човек на Институтот за имунологија.
Во однос на дилемите дали луѓе кои се алергични на пеницилин може да се вакцинираат, тој потенцира дека таквата алергија нема никаква врска со вакцините. Според него, ние кои веќе биле заразени најдобро е да се вакцинираат шест месеци по прележувањето на вирусот. Сепак, тој апелира дека луѓето не треба да се „опседнуваат“ со нивото на антитела.
„Нема многу голема разлика меѓу антитела што се измерени како 3 и 33. Нема бројка на антитела која може да дискриминира дали да се вакцинираш. Одлуката за вакцинирање треба да се темели врз времето кога е болеста помината. Ако поминале повеќе од шест месеци, треба човек да се вакцинира. Ова фиксирањето за концентрацијата на антитела не е добро бидејќи нема разлика во имуниот одговор“, истакна Петличковски одговарајќи на прашањето во кои граници треба да се движат антителата по прележување за да се пристапи кон вакцинација.
Прашан дали е препорачливо да се вакцинираат онколошките пациенти кои ја имаат таблетарната терапија Тамоксифен, тој изјави дека кај нив нема контраиндикација за вакцинација.
„Дури и луѓето со хемотерапии може да се вакцинираат, бидејќи шансите кај нив болеста да биде лоша се многу големи. Ние не треба да споредуваме што ќе ни се случи ако ја примаме вакцината и не ја примаме. Споредбата треба да биде меѓу тоа што ќе се случи ако се вакцинираме и што ќе се случи ако не се вакцинираме, а се разболиме. Вакцината не треба да се прима паралелно со хемотерапијата. Згодно е да има период од недела-две по хемото, за да му се даде шанса на имунитетот да одговори“, посочи д-р Петличковски.
В.Ми