Бугарија:Вратениот мандат од партијата на Слави Трифонов останува кај Претседателот Радев – ММС
ММС

Објавено на: 04/28/21 9:10 AM

Бугарија:Вратениот мандат од партијата на Слави Трифонов останува кај Претседателот Радев

Со тропање и силни извици и негодување од привзаниците на Красимир Каракачанов беа дочекани тројцата челници на партијата на шоуменот Слави Трифонов, кои дојдоа во кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев за да го вратат мандатот за составување на нова влада.

Познатата шахистка Антоанета Стефанова, го исполни барањето на лидерот Слави Трифонов и веднаш по преземањето на мандатот, го врати на шефот на државата.

-Ние од партијата “Има таков народ” јасно изјавивме дека нема да влеземе во никакви коалиции со партии од статус кво и го одржуваме ветувањето. Не е нормално да создаваме непринципиелна коалиција”, рече Стефанова.

Претседателот Румен Радев најави дека засега нема да го доделува мандатот, се’ додека нема сигурни гаранции дека е формирана стабилна коалиција за нова влада. Но, како што соопшти, нема многу време да чека.

-Сепак, на земјата и требаат ефективна влада и управување повеќе од кога било , рече претседателот.

Шефот на државата исто така изрази огорченост што Владата, која иако во оставка, го одложува ажурирањето на буџетот и со тоа ја попречува помошта за бугарските граѓани и деловните субјекти во кризата.

-Нашето општество со години чека на парламентот да донесе конкретни одлуки за да се разјасни изборниот процес. Одржливоста во социјалната и економската политика за време на криза не е помалку важна. Во врска со ова, некои одлуки на Националното собрание се особено важни и тие мора да бидат донесени без оглед на постапката за составување и номинирање на извршната власт, додаде Радев.

Познавачите на полиитчките сосојби во Бугарија сметаат дека влезот во политичка криза може да го спасат само предвремени избори, најверојатно во јули. Партијата на премиерот во оставка Бојко Борисов, веќе го врати мандатот во неможност да ја договори владината коалиција.