За Заев е забеганост протестирањето за поддршка на осудените од 27 април, за Мицкоски е заложба за правда – Четири години од „крвавиот четврток“ – ММС
ММС

Објавено на: 04/27/21 4:10 PM

За Заев е забеганост протестирањето за поддршка на осудените од 27 април, за Мицкоски е заложба за правда – Четири години од „крвавиот четврток“

И по четири години од настанот познат како „крвавиот четврток“, упадот во Собранието се уште е поттик за длабока поделба на општеството и низа политички пресметки.

Опозицијата и власта и денеска се со различни толкувања за случувањата. И додека едни тој ден ќе го паметат по стравот и тепањето, за други упадот претставува бранење на Уставот.

Премиерот Зоран Заев денеска коментира дека обидите тепањето и влечењето по подот на пратеници претепани до бесознание и насилството врз новинарите да се прикажат како одбрана на Уставот, се опасни и антинародни.

– Одговорот на ова прашање ќе го почнам со моите лузни кои ги носам како еден од учесниците на непосакуваните настани на 27 април 2017 година. Сакам да испратам порака да не се повтори никогаш, никаде. Тој 27 април, два часа и 15 минути, секоја секунда, јас, колегите пратеници и новинарите чекавме да го изгубиме животот. Вековиште беа тие два часа и 15 минути. Денеска да се организира собир за да се даде поддршка на осудени луѓе кои се обидоа на очиглед на јавноста, да ликвидираат новинари, камермани и пратеници во Собранието, е или забеганост или соучешништво, рече премиерот одговарајќи на новинарско прашање и  потенцира дека за него е застрашувачки да се види лидерот на опозицијата, што всушност е алтернатива на власта, да преземе одговорност и да е прв на протестите за поддршка за осудените за настаните на 27 април.

Мицкоски од друга страна пак, денеска негираше дека неговата партија поддржува насилство, но го повтори ставот дека бара повторно судење за обвинетите за овој случај.

– Она што ние го поддржуваме е правда. Никој не вели дека поддржуваме насилство. Напротив, во Македонија постои судска пракса, дел од случаите за за кои има основано сомнение дека биле политички инструирани, да има повторно судење од почеток за да се аргументираат позициите на двете страни – на обвинителството и на лицата што се обвинети. Тоа е она за кое ние се залагаме. Ако го набљудувате случајот за оние кои што се осудени за тероризам, можеби Македонија е единствената држава со толку терористи во затвор. Ќе видите дека судијата кој што ги изрече овие драконски казни е судија кој како да полагаше устен испит пред да стане уставен судија, рече Мицкоски.

Во неделата ВМРО-ДПМНЕ го поддржа протестот во кој се бараше правда за осудените од овој случај и повторно судење, бидејќи имало лажни сведоци.

За терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во предмет во кој имаше над 30 обвинети – водачи на патриотски здруженија, учесници во насилствата, функционери… 16 лица беа осудени на затворски казни, а 15 беа амнестирани.

Обвинети дека го организирале настанот на 27 април 2017 година пак, се поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељановски, поранешните министри Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски и поранешниот шеф на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се гонат дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.