Шведската полиција застрела момче со Даунов синдром што носело пиштол-играчка – ММС
ММС

Објавено на: 08/3/18 10:00 AM

Шведската полиција застрела момче со Даунов синдром што носело пиштол-играчка

Шведската полиција застрела 20-годишно момче со Даунов синдром и форма на аутизам, додека се движело носејќи пластичен пиштол – играчка во раката.

Како што јави Би-Би-Си, полицијата го застрелала Ерик Торел мислејќи дека во рацете носи вистински пиштол, опишувајќи ја целата ситуација како „заканувачка“.

Инцидентот се случил во округот Васастан во Стокхолм откако полицијата примила дојава дека е забележан маж кој шета по улиците со пиштол во раката.

На местото на настанот пристигнале тројца полицајци, кои му се приближиле на Торел и побарале од него да го спушти пиштолот. Но, откако тој, како што изјавија полициајците во истрагата, се „однесувал заканувачки“, тие стрелале кон него.

Ранетото момче веднаш било пренесено в болница, каде набрзо им подлегнало на повредите.

Мајката на Торел за весникот „Експресен“ изјави дека тоа било пиштол играчка што тој го добил на подарок и го опиша нејзиниот син како „најљубезниот човек на светот“. – Тој не би згазил ни мува, изјави мајката на убиеното момче.

За целиот случај полицијата започна истрага.

 

Извор:МИА