Научниците ја истражија загриженоста околу тоа дека анксиозноста настаната како последица на коронавирусот, би можела да доведе до создавање компулсивни хигиенски навики кај луѓето, кои би можеле да ги спречат повторно да се интегрираат во надворешниот свет.
Концептот „синдром на ковид анксиозност“ прв го теоретизираа Ана Никчевиќ од Универзитетот Кингстон и Маркантонио Спада од Универзитетот South Bank во Лондон, забележувајќи дека луѓето развиваат одредени особини како одговор на пандемијата – пишува Гардијан.
Тие особини вклучуваат присилна проверка на присутноста на симптомите на заразата, избегнување јавни места и опсесивно чистење. Истражувачите сметаат дека појавите како што е избегнувањето каква било „закана“, стравот од користењето јавен превоз или честото чистење на просторот во кој живеат, нема така лесно да се смират дури и кога пандемијата ќе биде под контрола.
„Стравот е нормален, посебно кога се работи за вирус кој е опасен. Меѓутоа, разликата во поглед на развивање психопатолошки одговор е во тоа дали ќе усвоите облици на претерано безбеден начин на однесување, кои ќе ве заклучуваат во стравот“, вели Спада.
„Очекувам дека ќе имаме дел од населението кој ќе избегнува повторно ангажирање. Очекувам дека ќе имаме луѓе кои без престан ќе се грижат околу вирусот во месеците кои претстојат, без оглед дали се вакцинирани или не“, додава професорот.
Истражувачите користеле сопствени податоци во истражувањето спроведено во јуни ланската година, во кое учествувале околу 500 учесници од Америка. Тие откриле дека синдромот предвидува општа здравствена анксиозност. Потоа истражувачите заедно со професорот по психологија, Јан Албери ги сумирале податоците од анкета во која учествувале 300 лица од Велика Британија во февруари годинава. Податоците укажуваат на тоа дека синдромот „ковид анксиозност“ е независен предиктор за генерализирана вознемиреност и депресија во текот на пандемијата.
Фото: Илустрација / Freepik
Извор: rs.n1info.com