Министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска рече дека многу луѓе на 27 април во 2017 година биле на чекор до смртта и се надева дека правдата ќе ги задоволи сите, а казната ќе ги стигне и нарачателите, не само извршителите.
Шеќеринска заедно со амбасадорката на САД, Кејт Брнз ги посетија припадниците на македонската армија и на вооружените сили на САД, кои заеднички работат на изградба на нови содржини на полигонот Криволак, пред почетокот на меѓународната вежба, „Одлучен удар 21“.
На прашањето дали правдата е задоволена и за колегите новинари кои на 27 април известуваа од Собранието, Шеќеринска потенцираше дека соочувањето со тој ден треба да се прави на две нивоа. Едно од нив е законот и судските одлуки и очекува да одговораат не само оние кои оперативно го координирале настанот туку и тие кои го дигнале телефонот и дале наредби.
– Се разбира дека тоа значи и компензација и нотирање на жртвите, на сите тие кои беа повредени. Како некој кој си замина од Собранието и од Клиничкиот центар со неколку копчиња на главата тешко ми е да говорам за тој ден, не само заради крвта, и не само заради жртвите и опасноста, туку затоа што се уште не можам да поверувам дека тоа се случило во мојата земја. Се сеќавам и на средбите таа вечер со вашите колеги во салата каде се случи главниот напад. Се гледавме меѓу нас и мислевме дека е лош сон и не е возможно луѓе да имаат толку злосторнички ум. Би сакала да верувам дека овие судски постапки ќе имаат своја завршница и оти ќе покажат со прст и со одговорност кон оние главните, а не само кон извршителите и роганизаторите, изјави Шекеринска.
Според неа, ова може да се случи и во друга демократска држава, но за да не се повторува мора во еден глас сите да го осудат, а она што таа го видела на вчерашните протести за уставобранителите било поддршка, а не осуда.
– Она што вчера го видов во Скопје е дека партијата што го создаде насилството, дури и вербално не сака да се огради од него. На 27 април 2017 година тоа беа воглавно наши глави, десеттина, 20, 30 луѓе. Ама ако во општеството и во државата се создава клима дека тоа е ОК и удираат апалузи на такво насилство, утре ќе биде нечија друга глава, не само нашата. Судирот и осудата на насилството мора да биде дел од нашата политичка култура, кој и да бил нападнат, повреден и да бил на чекор до смрт, порача Шекеринска.
Според неа, многу луѓе во одредени политички партии се засрамиле после 27 април и пришле и говореле, како што рече, дека не мислеле оти до тоа ќе дојде и, нагласи, им верував.
– Кога вчера ги видов еден дел повторно построени со аплауз на насилството, не сум сигурна дека сме ја научиле лекцијата, истакна министерката за одбрана.
Извор: МИА