Возачот кој вчера се обиде да и побегне од контрола на полицијата и физички нападна полицаец е пренесен во затворот Шутка, каде наредниве денови ќе издржува мерка притвор.
Според СВР Тетово, доцна попладнево, судија во претходна постапка на Основниот суд Гостивар на И.Б. (49) од гостиварското село Балиндол му определил мерка притвор од 8 дена.
Тој е осомничен дека сторил кривично дело “напад на службено лице при вршење работи од областа на безбедноста”. И.Б. претходно доби пријава по член 383 став 1 од Кривичниот законик, од СВР Тетово.
По носењето на решението од гостиварскиот суд И. Б. ќе биде спроведен во Казнено-поправната установа Затвор “Скопје” во Скопје за издржување на притворот.
Осомничениот, вчера (24 април) околу 17 часот и 10 минути, на улица “Браќа Ѓиновски” во Гостивар, нападнал полициски службеник додека извршувал службени дејствија од областа на сообраќајот, по што И.Б.беше лишен од слобода и задржан во Полициската станица Гостивар за расчистување и документирање на случајот.
(З.Г.М.)