По притисокот над премиерот на Италија, Марио Драги, од страна на коалициските партнери, посебно лидерите на крајната десничарска Лига, да се ублажат рестриктивните мерки, донесена е одлука од утре да се почне со нивно ублажување.
Четиринаесет региони, што е повеќе од половина, од утре ќе бидат прогласени за „жолти зони“ наместо црвени како што беа досега, иако во Италија секојдневно има илјадници нови случаи на коронавирус и висока стапка на смртност, пишува „Ројтерс“.
Во оквирот на жолти зони дозволена е работа на продавниците, кината и театрите, а баровите и рестораните можат да послужуваат гости само во надворешните делови, пренесува „Танјуг“.
Слободен проток на луѓе ќе биде овозможен меѓу овие 14 региони со услов патниците да имаат негативен ПЦР тест или потврда за вакцинација.
– Премиерот Драги рече дека одлуката за ублажување на мерките претставува прерачунат ризик, но се добива впечаток дека повеќе се работи за коцкање, имајќи ги предвид епидемиолошките податоци, изјавила професорката Софија Вентура од Универзитетот во Болоња.
Експертите кои ја советуваат владата исто така изразија загриженост поради прераното ублажување на рестриктивните мерки.
– Драги можеби е Супер Марио, но не е Хари Потер и нема магично стапче да ги реши проблемите на Италија. Ова е најголем ризик што го презел досега, оценува Франческо Грилјо, политички економист и директор на експертската организација Вижн.
Клучна задача на премиерот Драги е економското опоравување на земјата, за кое утре ќе поднесе план до италијанскиот парламент, а потоа и до Европската Комисија.
извор: нова.рс