За миг му изгореа лицето, очите и косата – Бранко Филиповски веќе 15 години живее во темница – ММС
ММС

Објавено на: 04/27/21 10:20 AM

За миг му изгореа лицето, очите и косата – Бранко Филиповски веќе 15 години живее во темница

Во несреќа на работното место, експлозија на вжештена маса, пробиштипјанецот Бранко Филиповски го губи видот. И покрај сите напори на лекарите, светлината во очите не му се врати. Бранко е само еден од стотината работници во Македонија, кои во несреќи на работните места, поради недоволна заштита и безбедност се повредуваат или го губат својот живот.

Иако во последната деценија, работите се подобрија, во земјава се’ уште има големи бројки и на повреди и на смртни случаи. Во организација на Македонското здружение за заштита при работа, на меѓународниот ден за безбедност и здравје на работа, во чест на сите оние кои го загубиле својот живот ќе биде засадено по едно дрвце во „ најмалиот парк“ во Лисиче, секоја година со надеж дека еден ден, нема да мора да насадат ниту едно дрвце.

Пробиштипјанецот Бранко Филиповски петнаесет години е без  светлина во очите. Токму пред толку години, во несреќа на работното место тој ја изгуби виделината , светот за него стана црна завеса, а зад неа само звуци, мирис, вкус.

Последените визуелни слики од децата, сопруга ги виде тоа утро на први декември 2005 година. По тој ден, три години болнички кревети и надеж дека еден ден повторно ќе ја види светлината на денот, која ќе згасне со последните прогнози на докторот, таму далеку  во Москва во една од најдобрите болници во Светот.

 

„На работното место во фирмата во којашто работев се случи несреќа, вжештена маса дојде до допир со вода и експлодира. Топлотниот бран ми го изгоре лицето, очите и косата. Бев еден месец на Очната Клиника во Скопје, немаше никакви подобрување и лекарите решија да ме пратат во Москва. Во болницата во Москва претсојував пет пати но и покрај сите напори што ги вложија лекарите во текот на лекувањето, не вродија со резултат. Ми вградуваа  протеза, пресадување на рожница, едноставно моето тело ги отфлаше. Сакаа да ми го спасат барем едното око ама ништо “,  раскажа Филиповски за ММС.

При последниот престој во болницата во Москва лекарот му кажал дека целосно ја изгубил светлината во очите и ако во периодот што претстои се врати таа светлина, ќе го продолжат лекувањето, во спротивно нема спас.

„ Но откако поминаа три години од моето лекување, толку посакуваната светлина не се врати и јас се пензионирав. Се помирив со состојбата дека нема повеќе да гледам, дека нема повеќе да рзаботам, дека цел живот ќе зависам од друг. Сепак во мене и понатаму тлее она жарче на надеж и желба дека можеби работите ќе се променат,“ вели нашиот соговорник.

Целото лекување и престој во болницата во Москва, вели Бранко, го платила фирмата во којашто се случи несреќата, но за некои други обештетувања немал законски можности. Имено во моментот на несреќата, тој во фирмата работел на договор на дело па случајот не бил регистриран  како повреда на работно место. Кога се случила несреќата тој носел заштини очила, но во моментов на експлозијата ништо неможело да го спаси, од топлотниот бран очилата летнале и се стопиле во вжештената маса.

„Не само што го изгубив видот, сите стресни ситуации што се случуваа последователно беа причината да се соочам и со други болести, шеќер,висок притисок и многу други проблеми. Мојата сопруга мораше да напушти работа за да биде со мене. Сега во Пробиштип живееме сами, синот направи куќа во општина Петровец, ќерката е во Италија. Тешко се живее,“ вели Бранко.

 

Шеесетгодишниот пробиштипјанец сепак сака да биде дел од опшествените случувања и дружења, активен член е на Здружението на слепи лица- Штип, учествува во активностите на здружението, се дружи со луѓето.

 

Оваа година ќе бидат засадени 25 садници во чест на сите загинати на работните места

Бранко Филиповски не е дел од статистиките и анализите на Македонското здружение за заштита при работа, коишто ова здружение почна да ги изработува од 2008 година, но сепак е дел од многубројните случаи на несреќи на работните места. Најтажно е кога тие се со смртни последици.

Нив ги имаше и во изминатата година, вкупно 25 исто како и годината пред тоа, во 2019.

Вкупно толку садници оваа година ќе бидат насадени во„ најмалиот парк“, во Лисиче во Скопје  во чест на сите работници кои починале на своите работни места, на меѓународниот ден за заштита и безбедност при работа, 28 април.

„ На овој ден не сакаме церемонии, сакаме да ги потсетиме сите што загинаа на своите работни места, да не се заборават. Сакаме да се сетиме, но од друга страна да го славиме животот. Наша тенденција е да го направиме најмалиот парк , со надеж  еден ден да садиме „нула“ садници, “ вели претседателот на Македонското здружени за заштита при работа, Милан Петковски.


фото-садење дрвца 2020

Бројот на повредени работници на работни места во 2019, се движи во рамките на бројката .од 2019 година, некаде околу 150.

„ Во оваа бројка не се опфатени оние коишто во текот на изминатата година беа најдиректно изложени на короновирусот. Иако долго време зборуваме дека несреќите се реалност, несреќите се случуваат, нереќите се тие што се одразуваат на работоспособноста на популацијата во Македонија, сепак тие не се доволно сериозно третирани како теми и многу често естаблишментот само по себе се обединува да ги турне под чергиче,“ вели Петковски.

Тој смета  дека и понатаму продолжува трендот на повреди и смрт на работните места. Можеби споредено со годините наназад бројките одат во надолна линија , но сепак Македонија не е  место, каде што би сакале да го поминете својот работен век.

„ Се’ уште имаме работодавачи, работници кои безбедноста и здравјето при работа не ги сфаќаат доволно сериозно. Несфаќањето на важноста на созадавањето на превентивна култура, не’ доведува во ситуација, трендот на губење на животи и серизони повреди во македонското стопанство да е се’ уште висок. Имаме долг пат за одење. По преземените чекори во изминатото десетолетие се поочигледно е дека намалува бројот на смртни случаи и повреди на работните места. “ вели Петковски кој веќе 25 години ја следи и работи на оваа проблематика.

Најмногу заболувања, повреди и смртност има во земјоделието, па во градежништвото, метелуршката индустрија. . .

Земјоделието е гранката каде што најмногу има смртни случаи, вели претседателот на Здружението за заштита при работа, Милан Петковски.

„ Тоа што не го броиме е труењето на луѓето од пестицидите, хербициди, фулгициди. Најголем број заболувања се случуваат во области каде обилно се користи хемија за справување со одредени штетности, кои пак од друга страна  не може да не оди надолу и да ги контаминира подземните извори. Градежниците се на второ место, кои многу често се преоптоварени со луди рокови, непреземени заштитни мерки, следна на листата е металуршката индустрија “ вели Петковски.

Според него и казните за непочитување на мерките за заштита при работа се мали.

„Казните веќе не се на ниво за да можат да ги предомислат оние коишто имаат намера да ги прекршат, туку веќе сe како еден вид членарина. Ја загуби смислата зборот „казна“, кога се доаѓа во ситуација да на работодавачот дури повеќе му се исплатува  да направи прекршок свесно и да ја доведе под знак прашалник безбедноста и здравјето на вработените отколку да вложува во технологија за превенција и заштита. Како никој да не е свесен дека младите во ситуации кога се иправени пред небезбедно работни место, ќе го фатат првиот автобус и ќе заминат надвор од државата. Казната има смисла ако тој еден што е казнет преставува пример за сите останати кои сакаат да тргнат по неговиот пат,“ смета Петковски.

преземено од -mzzpr.org.mk

Се подготвува дополнувања на законското решение за поголема безбедност и здравје на работните места

Петковски вели дека сакаат да се воведат неколку новини што би придонеле за  повеќе ред во оваа проблематика. Сакаме преставниците на вработените за безбедност и здравје при работа да ги поставиме на повисоко ниво, во смисла на тоа да не бидат само декларативно поставени туку да бидат многу повеќе едуцирани, пред се’ да знаат за проблематиката за која зборуваат, да знаат на кој начин да ги практикуваат своите права и од друга страна како да комуницираат со работодавачите но и со стручните лица за безбедност и здравје при работа.

„Друга работа која што сакаме да ја  потенцираме е делот на професионалноста на стручните лица по безбедност и здравје , како и лекарите по трудова медицина. Тоа значи континуирана професионализација , континуирана надградба и поголема специјализација по однос на индустриите кои треба да ги покриваат. Тоа значи да не се креира една „калаус“ професија која одговара на сите, туку да се креираат специјалности кои би одговарале на конкретните индустрии,“ додава Петковски.

Секако крајната цел е, вели Петковски,  да се изгради една свест, една култура за превенција, за поголема заштита и безбедност на работните места, да се заштитат работниците за да можат тие да придонесуваат на своите работни места.

„ Ако на пример хипотетички зборуваме за бројка од 400 смртни случаи  во изминатите 20-25 години, тоа значи 400 семејства завиени во црно, 400 семејства потенцијални корисници на социјална помош од државата. Во развиените земји, работодавачите ,заштитата за безбедноста и здравјето на работните места не ја прават затоа што толку ја ценат вредноста на животот, туку затоа што знаат колку вреди стручноста на тој еден работник кој го обучуваат можеби 20 или 30 години и колку е тешко отпочеток да се обучува некој нов работник за да можат за кратко време повторно да испорачат производ со ист квалитет,“ додава претседателот на МЗЗР.

Македонското здружение за заштита при работа, на меѓународниот ден за безбедност и здравје на работа, во чест на сите оние кои го загубиле својот живот ќе биде засадено по едно дрвце во „ најмалиот парк“ во Лисиче, секоја година со надеж дека еден ден, нема да мора да насадат ниту едно дрвце.

Акцијата ќе се одржи на 28 април. Истиот ден ќе биде презентирана и анализата за заштита и безбедност при работа во текот на 2020 година, која што МЗЗР ја изработува од 2008 година, заедно со сите релевнатни институции во државата.

Весна Крстева

фото:MZZR