На последните три средби на Комисијата не гледам желба за напредок кај бугарските колеги, а тоа се должи на политичката ситуација во Бугарија, вели Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим во Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања.
-Вчeра воопшто не дискутиравме за темата Гоце Делчев. Јас морам да кажам дека во последните би рекол три средби, ние не гледаме некоја желба за напредок кај бугарските колеги. Вчера на претпоследната сесија ние рековме, бидејќи Гоце Делчев беше на дневен ред да дискутираме за Гоце Делчев, меѓутоа бугарските колеги го одбија тоа. Рекоа да продолжиме со учебниците. Јас мислам дека тој однос кон работата на бугарските колеги во последните три средби се должи на ситуацијата во Бугарија, предизборната кампања, сега на недостатокот на политичка влада и е воочливо кај бугарските колеги тоа отуство на желба да се постигне нешто повеќе во работата, вели Ѓорѓиев во гостување на ТВ Сител.
На прашањето дали смета дека по изборот на влада колегите од Бугарија може да добијат и поинакви инструкции за понатамошното водење на овој процес на преговори, Ѓорѓиев не очекува промена на ставот од Софија, но смета дека доколку Комисијата се остави да работи настрана од билатералните политички односи, тогаш верува дека е можно да се постигне и побрзо решение.
Во однос на предлогот од Австрија за меѓународно посредништво во изнаоѓањето компромис помеѓу двете земји, како и предлогот од европратеникот Андреас Шидер за вклучување тројца надворешни експерти историчари во работата на Комисијата, шефот на македонскиот тим оценува дека тоа би било од корист за нејзината работа.
-Ваквиот предлог беше даден од македонска страна уште на првата средба со нашите бугарски колеги и првиот состанок во Софија и за жал морам да кажам дека бугарските колеги тоа го одбија. Ние предложивме да бидат вклучени двајца експерти кои се запознаени со проблематиката на Балканот, но кои во исто време и работеле со големо искуство на надминување на вакви симболични политичко – историски спорови меѓу одредени нации и држави. Меѓутоа тоа беше категорично одбиено од бугарска страна дека тие колеги не го познаваат доволно нашиот проблем, дека тоа е само наш билатерален проблем и оттогаш воопшто повеќе не стана прашање, предлог, не понудивме ние за повторно да бидат ангажирани. Меѓутоа лично сметам дека една таква медијација, едни такви неутрални аутсајдери, би рекол, кои не се дури емотивно внесени во овој проблем, мислам дека можат да бидат од корист на Комисијата, вели Ѓорѓиев.
-Без никаква најава, без притоа да бидеме консултирани тие тоа го поврзаа со 160 – годишнината од објавувањето на Зборникот. Се разбира, ние го поддржуваме тоа заедничко чествување на Браќата Миладиновци за тој Зборник, за тој јубилеј како еден од елементите кој може да помогнат во постигнување на добрососедство, меѓутоа ваквото адхок ставање на маса на теми за кои претходно не сме дискутирале, а притоа имаме три отворени теми, учебниците, Гоце Делчев и Глигор Прличев, отворање на четврта тема, ние тоа го сметаме едноставно за контрапродуктивно во овој момент за работата на Комисијата. И се разбира не прифативме да дискутираме на вчерашаната седница за Браќа Миладиновци, бидејќи сметаме дека треба да се затворат овие теми. Јас го сметам тоа како обид на колегите од Бугарија да се успори работата на Комисијата се додека не се надмине тој политички вакум во Бугарија, вели Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања.
МИА