Рафаел Варан е приоритет број еден на Томас Тухел – ММС
ММС

Објавено на: 04/24/21 1:21 PM

Рафаел Варан е приоритет број еден на Томас Тухел

Како што се доближува летото и главниот трансфер период, така се засилуваат и гласините за преселба на фудбалери од една во друга средина.

Централниот дефанзивец на Реал Мадрид, кој ќе се соочи следната недела токму со тимот кој е заинтересиран за неговите услуги, Рафаел Варан, на мета е на германскиот стратег на клупата на екипата од западен Лондон, Томас Тухел.

Според новинарот на „Билд“, Кристијан Фалк, Челзи дефинитивно ќе ја зајакнува одбраната следната сезона, а како приоритет на листата на желби на некогашниот тренер на Борусија Дортмунд и ПСЖ, ќе се најде името на освојувачот на Светското првенствво во 2018 година со селекцијата на Франција.

Одбраната на Челзи изминатите неколку години беше можеби најслабиот сегмент во играта, но по доаѓањето на Томас Тухел и конвертирањето во дефанзивна линија со петмина (двајца бочни бекови како Рис Џејмс/Хадсон-Одои и Маркос Алонсо/Бен Чилвел), тој елемент значително еволуираше кон подобро.

Сепак, потенцијалниот перманентен трансфер на Фикајо Томори во Милан и заминувањата на Курт Зума и Антонио Рудигер, го присилуваат полуфиналистот од Лигата на шампионите на ваков потег. Покрај Варан, „сините“ размислуваат и на опцијата Жулс Кунде од Севиља и Николас Суле од Баерн Минхен.

Во фазата на нападот, желбите на Тухел се стеснуваат на само две имиња: Ромелу Лукаку и Ерлинг Халанд. Фудбалерите на Интер и Дортмунд нема да ги променат клупските бои за помалку од 100 милиони евра.

 

 

д.ј

Фото:

eurosport.com

caughtoffside.com