Испратени пликови со куршум до министер во Шпанија, до командантот на жандармеријата и лидерот на Подемос – ММС
ММС

Објавено на: 04/24/21 9:08 AM

Испратени пликови со куршум до министер во Шпанија, до командантот на жандармеријата и лидерот на Подемос

Во Шпанија пликови со куршуми и закани за смрт се испратени до министерот за внатрешни работи, Фернандо Гранде Марласка, генералниот командант на жандармеријата Марија Гамез и лидерот на левичарската партија Унидас Подемос, Пабло Иглесијас, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Иглесијас во писмена изјава истакна дека до Министерството за внатрешни работи доставил плико преку кое му била упатена закана со смрт нему и на семејството. „Во пликот имаше 4 куршуми. Ова не е првпат. Министерот за внатрешни работи Марласка, генералниот командант на жандармеријата Гамез, исто така, денес примија пликови со закани. Често добиваме закани за да ја напуштиме политиката.“

„Овие пликови се резултат на говорот на омраза на крајната десница“, рече Иглесијас критикувајќи го фактот дека досега немало апсења во врска со нападите насочени кон неговата партија и кон него.

„Денес испратени се на мене. Но, ако продолжи неказнивоста и ако крајната десница продолжи по медиуми да кажува дека не е виновна, утре ќе дојде ред и на другите колеги. Заканата за демократијата мора да биде отфрлена од сите. Тука не станува збор за поединци или политички партии, туку за одбрана на слободата и демократијата. За да бидеш демократ треба да си антифашист.“

Иглесијас истакнувајќи дека се покренати неопходните кривични пријави и правни постапки рече дека сака одговорните да бидат уапсени.

Од друга страна, левичарската коалициска Влада, нејзиниот најголем партнер, Социјалистичката работничка партија, главната опозициска десничарска Народна партија и други политички партии, кои дадоа изјава во врска со пликовите со куршуми, остро го осудија тоа и истакнаа дека се работи за сериозна закана.

Премиерот Педро Санчез преку својот профил на Твитер порача: „Ние цврсто ги осудуваме сериозните закани што ги примија Марласка, Гамез и Иглесијас. Тоа се политички лидери и јавни службеници. Правда и демократија против заканата и насилството.“

Од друга страна, челниците на екстремно десничарската партија Вокс истакнаа дека ваквите закани треба да бидат осудени, но рекоа дека не веруваат во левичарската Влада и Иглесијас во однос на пликовите.

Тие истакнаа дека тоа е политичка пропаганда пред локалните избори во Мадрид што треба да се одржат на 4 мај.

Иглесијас, кој се повлече од функцијата заменик премиер и министер за социјални права, стана кандидат на неговата партија за градоначалник на Мадрид на локалните избори.

Иглесијас денес за време на изборната програма што се одржа во едно радио го напушти студиото реагирајќи на даденото толкување за заканата од противкандидатката од партијата Вокс, Росио Монастерио, која рече дека заканата е сомнителна.