Организаторите на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри 2021″ во Гостивар ги објавија имињата на поетите кои влегоа во финалето и ќе конкурираат за фестивалските награди.
По конкурсот за годинешното осмо по ред, издание на манифестацијата, во конкуренција влегоа 126 автори во двете возрасни категории, над 18 години и до 18 години.
– Годинава пристигнатите песни на конкурсот ги оценуваше жири-комисија во состав: претседател, Вања Изова Велева и членовите: Габриела Петроска и Гордана Страшевска, наведуваат од организацискиот одбор на фестивалот.
Годинашни финалисти на фестивалот „Литературни искри 2021″ се: Милчо Мисоски (Струга), Невен Лукачевиќ (Риека-Хрватска), Владо Поповски (Скопје), Сања Нечовска (Скопје), Аида Ораховац Куч (Подгорица-Црна Гора), Елмин Елези (Скудриње, Општина Маврово и Ростуше), Елизабета Дончевска Лушин (Струмица), Фросина Тасевска (Штип), Соња Карбева (Велес) Георгина Петреска (Скопје), Тони Павлески (Прилеп), Ориада Дајко (Тирана-Албанија)
Дванаесетте поети конкурираат за наградите: Гран при, Прва, Втора и Трета награда, Награда за најдобар странски автор и Најуспешна млада поетска искра. Наградите се плакети, дипломи и признанија.
– Нумерологијата за бројот 12 меѓу другото вели дека е симбол на универзумот, на постоењето. Случајно или не, меѓу овие 12 финалисти, се чувствува пулсирањето на еден новосоздаден универзум богат со почетнички ентузијазам и потреба да се чуе кажаното и остане забележано напишаното, потенцира Вања Изова Велева, вели претседателката на жири комисијата Вања Изова Велева за избраните финалисти.
Таа оценува дека „Литературни искри” е можност за вознесување нови имиња во светот на поезијата или потврдување на веќе етаблираните автори, но сите подеднакво ја имаат можноста да бидат забележани и препознаени преку анонимноста во изборот.
Годинешното издание на фестивалот ќе се одржи „онлајн” поради мерките за спречување на пандемијата.
Организаторите на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри” напоменуваат дека поетското читање и соопштување на наградените ќе се одвива на 23 мај (недела) на Фејсбук страницата на фестивалот.
Поетскиот фестивал се одржува во чест на Денот на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј.
MИА