Во хронологијата и историјата на пресадување на човечки органи, зборот „пресадување“ се среќава уште во вториот век пред нашата ера кога индискиот хирург Сушрута вршел пресадување на кожата од носот, како извесна пластична хирургија на нос. Но, каков бил исходот од оваа операција не е познато, бидејќи податоците не биле документирани.
Во светот првото успешно пресадување на човечка рожница било изведено од Едвард Зирм од Австралија во 1905 година.Првото пак пресадување од починато тело е направено од страна на унгарскиот хирург Јуриј Вороној во 1903 година.
Кога зборуваме за донорството и трансплантацијата на органи, во нашата земја минатата година на 23 ти мај беше извршена првата трансплантација на орган – срце, од починат донор. Минатата година се случи и уште една кадаверична трансплантација на бубрег и уште четири од жив донор.
Првата пак трансплантација на бубрег во нашата земја од починато лице се случила во далечната 1987 година под докторската палка на Д-р Нинослав Ивановски нефролог, кој со своите помлади колеги д-р Живко Попов- уролог, Д-р Перко Колевски дел од тимот за хистокомпатибилитет работеле на првата трансплатација на бубрег. Додека пак првата трансплантација на бубрег од жив дарител е направена од 1977 година од доктор Влашки.
Револуцијата во светот на тарнспланатцијата кај нас се случи кога семејството на починатата Емилија Динева од Стар Дојран, одлучи нивната сопруга и мајка да биде донор на органи кои ќе дадат нова шанса за живот на некој друг. Срцето на починатата Динева, сега чука во градите на 54 годишниот Иван Огњановски.
Операциониот зафат на Килинка за кариохирургија траеше шест часа. Утрината од оваа Клиника информираа дека успешно било трансплантирано срце.
Првата трансплантација на срце во координација со министерот за здравство, Венко Филипче ја започна и ја водеше националниот координатор за трансплантација д-р Маја Мојсова-Мијовска. Таа со својот тим болнички координатори, д-р Билјана Андоновска, д-р Весна Дурнев и Адријана Георгиев од Министерството за здравство ја процесираа пациентката во мозочна смрт и ги направија сите лекарски, технички и административни подготовки за да се започне со трансплантацијата на срце и бубрези.
По скоро една година откако беше извршена трансплантацијата на срце, Иван Огњановски се чувстува добро, неговиот син Васил за Канал 77 вели дека тој полека се враќа во неговиот нормален животен тек, но овој пат полн со желба за живот.
„Помина скоро една година, татко ми е во одлична состојба и форма. Си се врати полека во нормалниот живот, во нормалните обврски. Сите параметри што требаше да си дојдат на место, си дојдоа. Срцето си функционира супер, се чувстува полн со енергија, полн со желба за живот“, вели Васил Огњановски.
Неговиот татко покрај што одлично се чувстува по трансплантацијата на срце, без никакви последици го прележал и корона вирусот.
„Ние бевме многу изненадени поради тоа што тој го прележа корона вирусот „на нога“ и тоа не изненади. И покрај вирусот нема никакви последици и тоа е се поради терапијата која ја прима заради срцето. Немаше класични симптоми, само му беше лошо, му се гадеше од храна. Така всушност забележавме дека нешто не е во ред мислевме дека е поради желудникот, бидејќи прима терапија, но излезе дека е од корона вирусот“, раскажува Васил.
Еден голем човек како Махтма Ганди еднаш рекол „Човекот станува великан согласно нивото на кое работи за доброто на другите луѓе“, таков великан запишавме и ние во историјата на хуманоста, медицината општо во човештвото, името и презимето на Емилија Динева ќе остане да свети долго после овој чин. Васил вели со Диневи сме како семејство, јас сум тој што почесто кумуницирам со нив.
„Органодарителството е најхуманата работа на човештвото. Покрај тоа што губиме блиски луѓе се спасуваат уште неколку други луѓе со тоа што се даруваат органи. Семејството Диневи направија еден голем хуман гест, не само кон мојот татко туку и кон цела држава покажаа што значи да се биде хуман во најтешки денови. Со семејството Диневи скоро секојден комуницираме, почесто јас, летниот и зимскиот распуст ги поминав таму и сме во многу блиски односи, буквално како семејство како да се знаеме цел живот“, вели Васил.
На крајот од нашиот кус разговор Васил ја пренесе пораката од неговиот татко Иван.
„Треба сите да даруваме, да спасиме живот, да бидеме подобри луѓе и да го живееме животот онака како што треба за да биде квалитетен и убав живот,изјави Васил.
Но не е само Емилија Динева, до нејзиното име силно ќе сјае и името на младата Верица Белчовска од Берово која загина во сообраќајна несреќа во Струмица. Семејството на Верица како и семејството на Емилија, одлучија нејзиното срце, бубрези, коски и коскено ткиво да ги донираат на пациенти кои се на листата и чекаат нова шанса за живот.
Иле Стрезовски од Брвеница – Тетово момчето чиј живот спаси 20 годишната Верица, со дарување на нејзиното срце, а 28 годишниот Блаже Сапунџиев од Кавадарци го доби едниот бубрег од Верица Белчовска. За првпат во историјата на македонското здравство на Клиниката за ортопедски болести е направена експлантација на коски и коскени ткива од починат донор. Коските се од починатата Верче,чие семејство реши да ги донира органите.
„Ноќта на 16 –ти наспроти 17 –ти април на Клиниката за ортопедски болести имаше шанса да застане рамо до рамо со бастионите на нашата трансплантациона хирургија, така со овој чин дојде до реализација до една идеја која што ја имавме пред повеќе од една година, односно од октомври 2019 година, за актуелизирање на ткивно банкарство во нашата земја и проширување на дејноста под покровителство на националниот тим за трансплантација при Министертсвото за здравство. Самата експлантација значи отстранување на ткива и коски од починат донатор, кои што потоа соодветно се обработуваат и се складираат во ткивна банка се до оној момент додека на некој човек, пацинет има потреба од инплантација, односно трансплантација на ткивата кои ние сме ги складирале“, изјави Д-р Милена Бојевска Доксевска, доктор на медицина специјалист Оддел за септична патологија.
Бенефите од екплантацијата најчесто се за дијагностицирани болести, но здравите ткива може да се користат и при спортски повреди како и вродени аномалии.
“Бенефите се пред се тоа што во себе ги имаат билошките материјали кои се ненадминати во својот квалитет и во природните карактеристики кои што треба да ги поседуваат за да бидат соодветно вклопени во организмот кој што понатаму ќе функционира на тој начин. Има мноштво обиди на ткивниот инженеринг да се создадат такви ткива кои што би ги засместиле овие природни ткива меѓутоа квалиетот не е ист. Сепак најдобри резултати имаме од биолошките материјали. Секако при различни тумори, метастази здравиот дел се разјадува и постои можност да се оди во здраво, да се исчисти тоа болно ткиво и да се замени со овој биолошки материјал. Истото се случува и се појавува и при трауми, при претходни оперативни интервенции, спортски повреди можат да бидат причина за ставање на биолошки материјал, а исто така и вродени аномалии“, вели Д-р Милена Бојевска Доксевска.
Таа советува дека убаво би било секој во својот дом во блискиот круг на семејството да продискутира за тоа дали би сакале по нивната смрт да станат донори.
“Кај нас процедурата е така, да секој човек е потенцијален донатор, освен ако не оставил во текот на својот живот кај нотар заверено дека не е донатор, дека тоа не би сакал да се случи. Семејството по смртта одлучува дали телото ќе биде донирано понатаму за медицински цели. И добро е секој во текот на својот живот, во дискусија со своето семејство да им укаже дека би сакал да биде дел од органско донаторство. Тоа треба да се продискутира во семејството“.
Согласноста за екплантација и трансплантација на органи е една иста, вели Д-р Бојевска Доксевска.
“Секоја трансплантација има процес на експлантација, прво се експлантира, тоа значи отстранување на органот од починатиот донатор. Кај нас согласноста е иста, обично кога се анализираат пациентите дали би биле подобни за трансплантација, во согласноста што ја потпишува семејството се вклучени сите органи кои што би можеле понатаму да се искористат кај други пациенти, така што тоа е една согласност“.
Органодарителството е највисокиот чин на човекољубие, со подарен орган се спасува живот. Со цел да се подигне свеста кај луѓето за трансплантацијата и органодарителството, секоја втора сабота од месец октомври се посветува на одбележување на Европскито ден на органодарителство.
Габриела Додевска