Вчера и денеска во онлајн формат се одржа Дискусијата на 13-та средба на Мултидисциплинарната експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. Во најголем дел се водеше за пристапот и формата на препораките за учебниците, при што останаа големите разлики во пристапот и погледите како да се формулираат препораките за учебниците по историја за седмо одделение, информира македонскиот тим во Комисијата.
– Од македонска страна беа предложени неколку идеи како да се надминат точките во учебниците кои имаат потенцијал да ја политизираат историјата и со тоа да поттикнуваат нови или ги одржуваат во живот политичките спорови, се наведува во соопштението.
Од македонскиот тим потестуваат дека откако на претходните средби беа дискутирани учебници во Бугарија по историја за 6 клас, членовите на Комисијата водеа исцрпна дискусија за забелешките на бугарските колеги за македонските учебници по историја за седмо одделение. Поради долгата и исцрпна дискусија за учебниците, темата за заедничко чествување на Гоце Делчев не била воопшто дискутирана на средбата.
– Македонската страна ќе продолжи да инсистира на почитување на принципите и препораките на УНЕСКО, Советот на Европа и други релевантни меѓународни и академски институции како најсоодветен начин за надминување на историските спорови и деполитизирање на историјата и историското образование и исполнување на Договорот за пријателство и добрососедство потпишан помеѓу Република Македонија и Република Бугарија во 2017 година, се истакнува во соопштението.
– Во текот на средбата двете страни успеаа да го усогласат записникот од 11. средба, а беше договорена и средба на која ќе се усвои и Вториот годишен извештај, кој е неопходен за да се одржи меѓувладината конференција. Следната редовна средба на Комисијата ќе се одржи на 10 и 11 јуни, се додава во соопштението.
МИА