Минатата година 13.600 деца без придружба поднеле барање за азил во земјите на Европската Унија (ЕУ), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според податоците на Европскиот завод за статистика (Евростат), 10 проценти од малолетниците на возраст под 18 години кои поднеле барање за азил во земјите на ЕУ се малолетници кои немаат придружба.
Од апликантите, од кои 88 проценти се момчиња, се проценува дека 67 проценти се на возраст од 16 до 17 години, 22 проценти на возраст од 14 до 15 години и 11 проценти под 14 години.
Две третини од децата кои немаат придружба во европските земји се дојдени од Авганистан, Сирија и Пакистан.
Овие деца за азил најмногу аплицирале во Грција и Германија. Од малолетниците без придружба, 20 проценти побарале азил во Грција, 16 проценти во Германија, 10 проценти во Австрија и 9 проценти во Белгија.
Бројот на деца кои аплицираат за азил во земјите на ЕУ без придружно лице се намалува од 2015 година. Овој број, кој изнесуваше 92.000 во 2015 година, се намали на 14.100 во 2019 година.