Одбојкарите и во 2023 година ќе играат на Еуро: Македонија ќе бидe коорганизатор на сениорското Европско првенство – ММС
ММС

Објавено на: 04/23/21 2:22 PM

Одбојкарите и во 2023 година ќе играат на Еуро: Македонија ќе бидe коорганизатор на сениорското Европско првенство

Апликацијата на Одбојкарската федерација на Македонија за угостување на најдобрите европски репрезентации, денес од страна на ЦЕВ беше прифатена. Македонија и македонската одбојка ја добија честа за организација на една од групите на машкото сениорско Европско првенство во 2023 година, а тоа значи дека момците кои повторно го популаризираа спортот во сала ќе играат по третпат на еден голем европски собир.

Добрата вест за коорганизацијата на континенталното првенство во нашата држава, денес ја соопшти лично првиот човек на Европската одбојкарска конфедерација, Александар Боричиќ.

-Сега кога Владата ја поддржува организацијата на големите европски настани според највисоки стандарди, а тоа се однесува на Европската сребрена лига 2021, на Европското првенство за одбојкарки до 19 години во 2022, како и на една група од сениорското машко Европско првенство во 2023, можам да кажам дека Одбојкарската федерација на Северна Македонија им се доближи на најдобрите организатори на големите одбојкарски настани во Европа, рече Боричиќ.

Претседателот на Владата, Зоран Заев, која ја поддржи идејата на ОФМ, ја поздрави одлуката на лидерството на ОФМ и претседателот на Петар Јовановски, за активно учество во европската конфедерација.

-Се радувам за ваквата чест добиена од ЦЕВ. Ја изразувам силната поддршка за одбојкарскиот спорт којшто во последните неколку години забележува одлични резултати на меѓународен план. За мене задоволството е уште поголемо затоа што голем дел од одбојкарските репрезентативци се од мојот град Струмица, рече Заев.

Позитивната вест од ЦЕВ за спортот во подем е предвесник за периодот кој следува за машката сениорска репрезентација. Селекцијата на Македонија наскоро ќе ги започне подготовките за настапот во Европската сребрена лига. Првиот турнир стартува на 21-23 мај, како и завршниот на петти и шести јуни кој ќе биде одржан во салата „Парк“ во Струмица. Домашниот терен ќе претставува стимул плус за освојување на златниот медал.

Одбојкарите на Никола Матијашевиќ потоа ќе ги насочат мислите кон Европското првенство во септември и во меѓувреме ќе ги дознаат противниците во групната фаза и државата каде што ќе настапуваат (Полска, Финска, Чешка или Естонија).

 

Извор:

vfmkd.mk