Во бизнисот треба да се поминуваат границите, тоа во поранешна Југославија беше полесно, поголема држава, но не и сега, затоа оваа награда ја сметаме како да добивме „златна палма“ во Кан, рече претседателот на Управниот одбор на „Тиквеш”, Светозар Јаневски на денешната онлајн средба, по повод медалот што го освоија на натпреварот „Мундус Вини” за црвеното вино „Terrasse à l’Ombre”, кое е од бербата 2018.
-Пристапот во делот да се одвоиме и да влеземе во други води го почнавме пред 10тина години. Гледавме винарници во Италија, но подоцна одлучивме во Франција, која е организирана земја во однос на продажба и маркетинг. Сакале да признаат или не “Тикквеш“ е амбасадор на Македонија и се трудиме да станеме винска земја. Ние немаме винска индустрија туку лозаропроизводители. Затоа сакавме да излеземе од тие контури на изолација. Тоа го направивме пред две години и за чудо големо постигнавме резултати, посебно во Франција. „Тиквеш“ добива големи признанија на сите манифестации, но за Франција беше непознато, бидејќи Болен не е признат како вински регион, туку индустриски дел. Но, со нашето доаѓање, иако имаше скепска, сега сите знаат дека сме тука да направиме врвен квалитет на вино. Сето знаење во „Тиквеш“ го пренесовме во Шато де Гурдон. Имаме пет различни вина во делот на Шато де Гурдон, но нема да останеме само на нив, рече Јаневски и додаде:
– Денес, се повеќе влегуваме во филозофијата на Енвер Хоџа дека се што се случува, се случува до границата на Бујановац. „Тиквеш” излезе од контурите на изолација и им го овозможи на младите фактот дека влегуваме во понапредна индустрија, рече тој.
Лозјата кои се дел од поседот Шато де Гурдон се простираат на 50 хектари во долината на јужна Рона и се сместени во единствено поднебје, изложени на сонце и на свежината на ветрот Мистрал во текот на целиот ден. Тие се издигаат од песочен терен богат со речен камен кој во текот на ноќта зрачи со топлина акумулирана во текот на денот и така му помага на гроздот совршено да созрее. Единствената микроклима и составот на почвата го стимулираат високиот квалитет на секој грозд, кој потоа се бере рачно.