(ВИДЕО) Наполи го „торпедираше“ Лацио и ја направи возбудлива трката за место во ЛШ – ММС
ММС

Објавено на: 04/23/21 12:05 PM

(ВИДЕО) Наполи го „торпедираше“ Лацио и ја направи возбудлива трката за место во ЛШ

Екипата на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, во веќе и традиционално интересниот и полн со голови дуел против Лацио, успеа да забележи фантастична победа од 5:2 и да ја направи трката за место во Лигата на шампионите и те како возбудлива.

Поразот на Лацио во директниот, можеби и решавачки за нив дуел вреден „четврто место во Сериа А“, ги остави лацијалите на шестата позиција со 58 бодови, седум помалку од чевтртопласираниот актуелен првак на Италија, Јувентус.

На стадионот „Диего Армандо Марадона“, домаќинот тргна фуриозно од самиот старт. Одличниот Лоренцо Инсиње во 2021 година, во седмата минута од белата точка го отвори резултатот, а Матео Политано пет минути подоцна го удвои водството на наполитанците. Првиот дел, освен исклучителната ефективност на тимот предводен од Џенаро Гатузо, го одбележи и „картон шоуто“ на фудбалерите од двете страни. За 45 минути гледачите од пред малите ТВ екрани беа сведоци на пет жолти картони и чести тактички прекршоци и прекини на играта.

Почетокот на второто полувреме не беше ништо поинаков од претходно. Лоренцо Инсиње постигна маестрален гол од дваесеттина метри со одмерен и технички врвен удар, матирајќи го доскорашниот соиграч Пепе Реина и донесувајќи му на својот тим убедливи 3:0 против ривалот од престолнината на Италија. Дрис Мертенс со деветиот погодок сезонава во 65-тата минута целосно го посрамоти Лацио, кој преку Имобиле и Сергеј-Милинковиќ Савиќ се врати во игра и најави уште една неизвесна завршница на мечот што практично беше решен уште во првите 15 минути по првиот судиски свиреж.

Големото 50-милионско засилување во нападот од Лил, кое се мачеше со повреди во оваа кампања и не успеа целосно да се интегрира во плановите и составот на Гатузо, Виктор Осимен, на десет минути пред крај на двобојот го оконча резултатот и ја потврди петардата во мрежата на некогашниот голман на Ливерпул.

Петте гола во Неапол го изедначија Наполи на листата на постигнати голови во Сериа А со веројатно идниот шампион Интер и го донесоа на само два погодоци од напаѓачката рапсодија на Гасперини и Аталанта, но и на петтата позиција во поредокот и два поени заостанување во однос на Јувентус.

На шест кола пред крајот на сезоната 2020/21, разликата помеѓу второпласираниот Милан и петтопласираниот Наполи изнесува три поени.

Претстојниот викенд во рамките на 33-то коло во Калчото, Наполи му гостува на Торино, Јувентус оди на гости во Фиренца, поразениот од синоќа Лацио, оди на мегдан со Милан, а Аталанта ќе ја угости Болоња на Синиша Михајловиќ.

 

 

Фото:

Twitter / @sccnapoli

д.ј