Танцот е пред колапс, а 6000 деца се спречени од вршење на нивната омилена активност – танцувањето, алармираат 46 приватни танцови клубови од земјава. Преку писмено соопштение тие бараат финансиски надомест за претпрените штети во изминатата година, како и укинување на забраната за работа. Од вчера и тие се приклучија на протестите, поради како што велат, нелогичностите при постапувањето на Владата со новите рестриктивни мерки, кои опфаќаат затворање на овие институции и спречено вршење на нивната дејност засега до 27.04.2021, а со веројатност за продолжување.
Иако последните изјави на Владата се однесуваа на финансиско компензирање на сите правни субјекти кои беа затворени во изминатиот период, како и лани, така и сега, танцовите клубови не фигурираат на списокот на субјекти кои ќе добијат надомест на штетата – се вели во писмениот допис. Танцовите студија бараат Владата да ги образложи причините поради кои тие се затворени.
Имено, во текот на изминатата година, танцовите клубови повторно беа први на списокот за затворање. По нивна макотрпна работа и соработка со танцови центри ширум Европа (Данска, Холандија, Хрватска, Словенија), следејќи го примерот на колегите, здружени самите создадоа протокол за работа кој беше одобрен по шест месеци од нивното затворање (март-септември).
Иако веќе претрпе големи штети без да биде компензирана, на стаклени нозе, танцовата заедница почна да заздравува. Во наредните седум месеци откако танцовите клубови повторно се отворија, од нив предложениот протокол се покажа целосно ефикасен. Всушност, во рамките на седум месеци работа, не се појави ниту еден случај на заболено дете, а уште помалку кластер и протоколот беше целосно испочитуван како од центрите, така и до членовите и нивните семејства, што вклучува навремено јавување при појава на случај на суспектен или заболен од КОВИД -19 во семејствата и изолирање на цели групи како претпазливост, велат од танцовите центри.
Во соопштението тие додаваат дека целосно ја промениле формата на своето работење, со ограничувања на бројот на деца во сала, комплетни процедури за дезинфицирање и вентилирање на просториите, скратување на работното време на половина – најмногу четири часа во денот, вклучувње на паузи по секој час и обележување на просторот за движење и користење.
ММС пишуваше за отежнатата работа на танцовите центри уште во мај ланската година, кога почна олабавувањето на рестриктивните мерки, а тие останаа затворени. За овие центри изостана тогашната економска помош, а сега повторно не се опфатени со актуелните антикризни мерки.
В.М