Утре во салата Борис Трајковски ќе се вакцинираат пратениците од Собранието на РСМ, како дел од критичната инфраструктура опфатена во Националниот план за ковид имунизација.
Предвидено е вакцинацијата да се одвива во три групи од 10 до 18 часот. Собраниските служби беа вакцинирани на 14-ти месецов. Вакцинирањето на пратениците и вработените во Собранието е од клучна важност за нормално функционирање на законодавниот дом и непречено носење на закони во интерес на граѓаните.
Од почетокот на имунизацијата во нашата земја, согласно Националната стратегија таргетирани се три главни приоритетни групи со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, да се заштитат лицата со најголем ризик од заболување, компликации и смрт, како и да се одржат основните услуги на критичната инфраструктура.
Следната недела треба да пристигнат нови дози вакцини со што ќе има измена на приоретизација и преминување на приоритетните или субприоритетните групи од една во друга фаза на вакцинација. Министерството за здравство апелира до граѓаните кои сакаат да се вакцинираат да се пријават на vakcinacija.mk.


