Пожарите во Калифорнија уриваат рекорди – ММС
ММС

Објавено на: 08/3/18 8:08 AM

Пожарите во Калифорнија уриваат рекорди

Пожарникарите во Калифорнија и понатаму се борат со огнот во близина на градот Рединг, 600 километри североисточно од Сан Франциско, а гувернерот на Калифорнира  Џери Браун изјави дека на спасувачите ќе им испрати „се што ќе им треба“ за да помогне.

Уште во првиот месец од новата буџетска година, Калифорнија веќе потроши околу 130 милиони долари во борба против огнената стихија, што е една четвртина од годишниот буџет за борба против пожари, јави Гласот на Америка.

Пожарот кој беснее веќе 11 дена сега е шести наjразорен во историјата на државата.

Огнот до сега уништи повеќе од 1.500 објекти во и во околината на Рединг, град со 90.0000 жители кои се наоѓа 260 километри северно од Сакраменто.

Прогнозираните високи температури на воздухот и сувото време ја прават борбата за ставање под контрола на пожарите покомплицирана. Пожарникарите успеаја да стават под контрола околу 35 проценти од смртоносниот пожар во кој загинаа шест луѓе, а 38.000 беа приморани да се евакуираат.

Подолу на југ избувна нов пожар кој го загрози градот Ковело, во близина на националниот парк Мендосино.

Овој пожар е на околу 64 километри северно од место во Мендосино и окрузите Лејк каде два пожара изгореа област речиси три пати поголема од Сан Франциско, уништија 14 и загрозија 12 илјади домови.

Службата на Националниот парк соопшти дека долината Јосемити  и други области треба да останат затворени најмалку до недела, а затворени се од 25 јули.

Ова е најдолго затворање на паркот Јосемити од 1997 година кога поради поплави паркот беше затворен речиси два месеци.

 

Извор:МИА