Поранешната специјална обвинителка, Фатиме Фетаи, избрана е за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство во Скопје. Советот на јавни обвинители денес гласаше за пет обвинители кои ќе работат во ова судско тело, а Фетаи со девет гласови „за“ ја доби довербата од своите колеги.
Покрај Фетаи, имињата на обвинителите Наум Пановски, Сашо Рајчев, Бурим Рустеми и Снежана Бундалевска-Георгиевска, се најдоа на листата за Вишото јавно обвинителство.
Сите кандидати, според претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски, добиле речиси високи оценки што значи дека квалитетот и стручноста се во преден план при нивниот избор.
-Сите кандидати речиси добиле високи оценки, податок кој радува. Што значи дека за повисокото јавно обвинителство аплицираат кандидати коишто се стручни и квалитетни и се докажале во досегашното работење. Ние имавме увид во нивната работа преку месечни и годишни извештаи и го цениме нивното искуство, рече Колевски.
Колевски им посака среќа на избраните јавни обвинители на новата функција.
д.ј