Русковска добива засилување од петмина нови обвинители, тројца од нив беа дел од некогашното СЈО – ММС
ММС

Објавено на: 04/22/21 10:59 AM

Русковска добива засилување од петмина нови обвинители, тројца од нив беа дел од некогашното СЈО

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција добива засилување од петмина обвинители, од кои тројца беа дел од некогашното Специјално јавно обвинителство. Советот на јавни обвинители на денешната седница ги избра кандидатите Лиле Стефанова, Наташа Поп Трајкова, Артан Ајро, Трајче Пеливанов и Катерина Коларевиќ, кои влегуваат во тимот на Вилма Русковска.

На конкурост беа пријавени 14 кандидати, меѓу кои и обвинителката Фатиме Фетаи која доби вкупно 4 гласа „за“ односно недоволно за да биде избрана за обвинител во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, а исто толку гласови доби и нејзиниот колега Љубомир Лапе. Еден глас помалку доби Елизабета Јосифовска која исто како и Фетаи и Лапе, беше дел од некогашното СЈО.

Лиле Стефанова која беше избрана со 10 гласа „за“ беше основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство во Радовиш. Од 2010 до 2015-та година беше јавен обвинител во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а потоа во СЈО. Таа од Советот на јавни обвинители беше оценета со 25 поени.

Наташа Поп Трајкова беше избрана во 2012 за јавен обвинител во Основното јавно обвинителство- Струмица, каде се’ уште ја извршува оваа функција. Таа како обвинител стаж од 8 години и 4 месеци и од Советот доби оценка од 24, 5 поени.

Артан Ајро пак, во 2012-та година е избран за обвинител во Основното јавно обвинителство-Скопје, а од 2015 до  2019 беше дел од СЈО. Од 2019 до денес е обвинител во Основното јавно обвинителство-Скопје. Тој има стаж од 8 години и е оценет со оценка од 25 поени.

Трајче Пеливанов е избран за обвинител во 2009-та година во Основното јавно обвинителство – Скопје, каде ја извршува функцијата се’ до 2015. Од 2015 до 2019-та година  е обвинител во СЈО , а од 2019  до денес функцијата ја извршува во Основното јавно обвинителство-Скопје. Тој има стаж  како обвинител од 11 години и од Советот на јавни обвинители е оценет со оценка од 25 поени.

Катерина Коларевиќ беше избрана за јавен обвинител во Основното јавно обвинителство – Скопје во 2009-та година, и се’ до денес обвинителската функција таму. Таа има стаж од 11 години и оценка од Советот од 25 поени.

-Сите кандидати добиле високи оценки, најголемиот дел од оценките гравитираат околу максималниот износ од 25 поени. Сите имаат завидно движење во кариерата, а од оценките произлегува дека се работи за квалитетни кадри кои конкурираат за обвинители во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Радува ваквиот интерес, бидејќи еден период спласна интересот на обвинителите да извршуваат функција во ова  Обвинителство – истакнаа на денешната седница од Советот на јавни обвинители.

В.М