Финансиската поддршка од шестиот пакет ќе ja добијат најпогодените дејности, рече Бектеши – ММС
ММС

Објавено на: 04/22/21 9:28 AM

Финансиската поддршка од шестиот пакет ќе ja добијат најпогодените дејности, рече Бектеши

Финансиската поддршка од шестиот пакет економски мерки е реална и предвидува поддршка за оние дејности кои со одлука на Владата се затворени, односно се најпогодени од пандемијата. Овие мерки се континуитет на претходните, а најголем дел од поддршката е наменета за туристичко угостителскиот сектор, порача министерот за економија Крешник Бектеши.

Министерот, во гостувањето во емисијата „Економски магазин” на Алсат телевизија, појасни на кој начин е предвидено да се исплаќа финансиската поддршка во секторите кои се целосно затворени, како и оние што се затворени со последната одлука на Владата од пред три недели.

-Моделот е комбиниран. Предвидовме за сите регистрирани угостителски објекти да доделиме финансиска помош според нивните приходи или прометот кој го имале во 2019 година, комбинирано со 2020 година. Ќе се земе просекот од месецот и за периодот во кој биле затворени, 30 отсто од тој промет ќе им се додели на угостителските објекти. Оваа мерка покрај угостителите во иста форма е наменета и за приватните детски одморалишта, ноќните клубови, игротеките, рестораните за свадби, ивент индустријата, фитнес центрите, фотографи и фотографски студија и туристички агенции, рече министерот.

Моделот, посочи, ќе биде сличен како оној кој што го реализиравме во четвртиот квартал од 2020 година и ќе одиме со директна помош како грант, зависно од категоризацијата.

-Предвидена и поддршка за исплата на плата по вработен, на пример за една компанија со 10 вработени ќе се поделат 152.000 денари за исплата на плати на вработените, рече Бектеши.

Тој појасни дека според податоците од УЈП и Централен регистар, ако се прави споредба со 2020 година во угостителскиот сектор и туризам воопшто, и тоа што е пријавено оваа година и се спореди со 2019 година, ќе се констатира дека има пад од 30 отсто на приходите во оваа дејност на државно ниво. Тоа, потенцира, значи дека оние кои се затворени цела година со одлука на Владата ќе добијат 30 проценти од месечниот приход за секој месец поединечно.

-Кај рестораните за свадби и прослави во 2019 година просекот пријавен од овие компании беше 35.000 евра, а ако се подели на 12 месеци, тоа е 3.000 евра, и од тие 3.000 евра ќе добијат 30 отсто. Оваа е помошта која со моделот на враќање на процентот ќе им се дава на рестораните кои организираат свадби и прослави, плус да за секој вработен ќе добијат дополнителни 15.200 денари, кажа министерот и потсети дека минатата година овие ресторани добија директни грантови до 10 илјади евра и во меѓувреме се категоризираа вкупно 140 вакви објекти.

За угостителските објекти кои се затворени во изминатите две недели, и ќе останат затворени уште една недела, како што појасни, ќе се земе просекот од 2019 и 2020 година од денот кога започна пандемијата до крајот на првиот квартал на 2021 година и врз основа на тие податоци ќе се дели на 12 месеци. Од сумата која е за еден месец, ќе се земат 75 отсто, затоа што забраната е 21 ден, и од тие 75 отсто ќе добиваат по 30 отсто.

-Финансиска поддршка за исплата на плата од 15.200 денари според оваа мерка ќе добијат сите оние вработени во угостителскиот објект кои биле пријавени како вработени на 6 април 2021 година кога беше донесена одлуката за затворање, односно забраната за примање на гости, прецизира Бектеши.

Информираше дека следниот месец Министерството за економија ќе го објави јавниот повик за туристички ваучери, копи ќе ги добијат сите вработени со ниски приходи кои ќе имаат право да аплицираат. Предвидено е да бидат опфатени околу 1.000 граѓани.

 

 

 

МИА