Навивачите на англиски Челзи кои вчера излегоа пред „Стемфорд Бриџ“ да протестираат против одлуката на својот клуб да се придружи во Европската Супер Лига, ниту на сон не очекуваа дека во моментот кога „мавтаа“ со банерите и пееја гласно колку ги сакаат „студените ноќи во Стоук’, медиумите ќе пренесат првични информации дека токму Челзи е првиот клуб кој „потегнал нога“ и се повлекува од новоформираната лига што требаше, по зборовите на Флорентино Перез, да го спаси фудбалот.
The celebrations at Stamford Bridge.
[via @oliver_todd] pic.twitter.com/sq2dX8XI7B
— Absolute Chelsea (@AbsoluteChelsea) April 20, 2021
Веста која новинар на „BBC“ ја сподели на социјалната мрежа „Твитер“, предизвика еуфорија и возбуда помеѓу присутните, налик онаа на победнички гол во 93-та минута во финале од Лига на шампиони. Предомислувањето на Роман Абрамович и бордот на „сините“ одекна како бомба во фудбалскиот свет и се прошири во брзина на светлината. Од тој момент беше јасно, Супер Лига без една од 12-те потписнички во неделата навечер не може да опстои. Од тој момент концептот за „американизирање“ на играта, како што милуваа фудбалските фанатици да кажат, стана ништовен.
„Мини-револуцијата“ каква што не памети блиската историја на фудбалот, инстантно резултираше со оставки на сите страни, повлекувања од функции, официјални соопштенија на клубовите и масовно воодушевување ширум Европа.
Иако први донеле одлука за повлекување од Супер Лигата, Челзи последни во ситните часови по полноќ обелоденија на јавноста. Манчестер Сити беше првиот од англиската „шестка“ што ги следеше во чекор ривалите од Лондон и објави дека се откажува од идејата. Соопштенијата генерално беа идентични, со таа разлика што некои од клубовите, како на пример Арсенал, им се извинија за грешката на навивачите.
-Kaко што беше објавено и претходно, фудбалскиот клуб Челзи може да потврди дека започна со формалните процедури за откажување од групата за развој на план за Европска Супер Лига. Ние се придруживме на групата доцна минатата седмица, но сега одлучивме дека треба одлуката да се преиспита и дека партиципацијата во тие планови нема да биде од најдобар интерес за клубот, навивачите и пошироката фудбалска заедница, стоеше во соопштението на клубот од западен Лондон.
Интерните консеквенци во клубовите ја дадоа и „првата жртва“ во името на Ед Вудвард. Манчестер Јунајтед објави дека извршниот заменик-претседател на крајот од 2021 година ќе се повлече од функцијата.
До утринските часови сите шест англиски клубови, Арсенал, Манчестер Јунајтед, Тотенхем, Челзи, Ливерпул и Манчестер Сити, се „попишманија“ и решија да останат лојални на традицијата, ФА, и Европската куќа на фудбалот. Атлетико Мадрид стана првиот шпански клуб што опонираше на идејата за Супер Лига и се повлече од учество во неа. Веројатно идниот италијански шампион, Интер, беше последното големо име до утрото, кога им се придружија и градските ривали Милан, надвор од мегаломанската замисла на европскиот фудбал.
Барселона, Јувентус и Реал Мадрид се екипите кои остануваат доследни до својот став, иако Супер Лигата како таква ќе биде суспендирана и нема да го види светлото на денот. Ако ништо повеќе, во овој формат и во догледно време.
-Реков и вчера, за почитување е тоа што се признава грешката, а овие клубови направија огромна грешка. Сега се вратија и знам дека имаат многу да понудат, не само во нашите натпреварувања, туку за целата европска игра. Најважно е сега да продолжиме напред, да го реизградиме единството на играта и да уживаме како и досега во неа, изјави претседателот на УЕФА, Александар Чеферин.
Kaко е можно ваков скап и ексклузивен проект помеѓу најголемите европски клубови да се сруши како кула од карти за само 48 часа?
Секако, доколку сето ова не претставуваше само игра помеѓу УЕФА и фудбалските гиганти на „стариот континент“ и т.н блеф, одговорот е едноставен. Флорентино Перез, Андреа Ањели и финансиските магнати кои ја туркаа приказната за елитизација на играта создадена во калливите краишта во Англија, не ја антиципираа реакцијата на обичниот човек, навивачот, човекот кој во сабота или недела со своето семејство оди на стадион, застанува пред ТВ приемникот, живее за денот и моментот.
Без никакви претерувања и претерани романтизирања, идејните творци на Супер Лигата се преценија себеси и моќта на парите, а го потценија ирационалното. Фудбалот без еднакви шанси (колку и да тие се отприлика само на хартија), без чувството на пораз и победа и императивот за натпреварување, не е ништо друго освен „уште еден производ на рафтот на слободниот пазар“.
Дополнително и не помалку важно, изоставувањето на поддршката од комерцијалните медиуми, јавните говорења против овој концепт, како и инволвирањето на политиката и Владата на Велика Британија во овој развоен процес, претставуваа причина плус за магичното предомислување на англиските тимови.
Европската Супер Лига во сенка на случувањата, ја информираше јавноста околу промените внатре во организацијата и привременото суспендирање на незапочнатата лига.
-Европската Супер лига е убедена дека моменталниот статус-кво во фудбалот во Европа мора да се промени. Ние предложивме ново европско натпреварување бидејќи актуелниот систем не функционира. Нашиот предлог целеше кон еволуирање на спортот и паралелно генерирање на ресурси и стабилност за комплетната фудбалска пирамида. И покрај откажувањето на англиските екипи, кои донесоа одлука поради надворешен притисок, ние целосно сме посветени на проектот, следејќи ги европски закони и регулативи за заштита од акции од трета страна. Со оглед на околностите, ние ќе се обидеме да го реструктурираме проектот, имајќи го на ум секогаш тоа да му се понуди на фанот најдоброто искуство, велат од Европската Супер Лига.
Претседателот на тековниот италијански првак, Андреа Ањели, денес напладне потврди уште еднаш дека Супер Лигата не може да се реализира, признавајќи го поразот, но останувајќи принципиелно на ставот дека „Европската Супер Лига е одличен концепт за спас на фудбалот“.
Фудбалот не е спасен. Фудбалот ќе беше жив дури и да се имплементираше експериментот Европска Супер Лига. Додека постојат два камења и топка, прекрасната игра ќе опстојува од Индија до Нов Зеланд. И тука нема дилема. Но фудбалот, фановите, ако милуваме патетичен наратив, а патетиката не е нужно лоша карактеристика во фудбалски контекст, го спасија фудбалот од рацете на луѓето кои за поимот „фудбал“ мислат на игра која се практикува со топка без тркалезна форма.
Во фудбалот и денес и утре остануваат исклучителните разлики, како и во животот, а јазот помеѓу „богатите“ и „сиромашните“ ќе постои. Доколку досега постоела огромна дискрепанца помеѓу еден Реал Мадрид и скопски Вардар, реализацијата на сценариото на Перез и Ањели ќе го избришеше Вардар засекогаш од фудбалската мапа.
Наше е, како љубители и фанатици на фудбалот, да реагираме на продлабочувањето на разликите и да се избориме за еднаква шанса, макар била и само теоретски и од ден на ден да го враќаме фудбалот таму каде што изворно припаѓа.
Фото:
cbssports.com
express.co.uk
д.ј